Предлог–законот за измени на Законот за државјанството денеска пред пратениците на една од собраниските седници
Foto

Предлог–законот за измени на Законот за државјанството денеска пред пратениците на една од собраниските седници

Предлог – законот за изменување и дополнување на Законот за државјанството на Република Македонија, по скратена постапка, во второ читање, поднесен од група пратеници е на дневен ред на една од неколкуте за денеска најавени седници на Собранието на Република Македонија.

Предлог-законот го поднесоа пратениците Зијадин Села, Скендер Реџепи, Сурија Рашиди, Сафије Садики Шаини, Абдула Салиу, Елми Азири, Халил Снопче, Илире Даути, Атнан Незири, Артина Ќазими, Хусни Исмаили и Африм Гаши.

Како што е најавено пратениците треба да расправаат и по Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за личната карта, по скратена постапка.

Предлогот на законот за изменување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, по скратена постапка, е на дневниот ред на денешната 26-та седница на Собранието на Република Македонија.

На дневниот ред на седницата се и Предлог – законот за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти, Предлог-законот за дополнување на Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа, сите по скратена постапка, како и Предлогот на закон за преиспитување на факти и докази користени во судска постапка, во прво читање.

Најавена е и расправа по Предлог -стратегијата за регионален развој 2020 – 2030.

На една од денешните собраниски седници ќе се дискутира и по Предлог – законот за задолжување на Република Македонија со заем кај Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка по Договорот за заем за финансирање на Проектот за енергетска ефикасност во јавниот сектор, по скратена постапка.

Пратениците се очекува да дискутираат и по Предлог на закон за задолжување на Република Македонија со заем кај Европската банка за обнова и развој по Договорот за заем за финансирање на проектот „Воведување на брз автобуски превоз во Град Скопје“, како и по Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за Македонската банка за поддршка на развојот, скратена постапка.

Меѓу другите точки на дневниот ред на седниците се и Предлог – законот за изменување на Законот за оружјето, Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за прекршоците против јавниот ред и мир, како и Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за патните исправи на државјаните на Република Македонија, сите во прво читање.

0 Коментари

Остави коментари