Предлог законите за судска и јавнообвинителска служба се дискриминирачки

Критики и забелешки за предлог законот за судска и јавнообвинителска служба. На јавната расправа во Собранието дел од вработените во овие служби предупредија дека предлогот нема да донесе суштински промени и е дискриминирачки, а од министерството за правда со свои аргументи го бранеа законското решение.

Забелешките кои ги дадоа вработените се однесуваа на статусот, платите и брзината на носење на текстот.

Верица Тасева-Здружение на судска администрација 

„Многу ми е жал што предлозите кои ги дадовме како работна група, не се содржани во предлог-законот. Понуден ни е еден дискриминирачки закон.“            

Трпе Деаноски-претседател на УПОЗ

„Кој и да се навреди, мене овие два предлог-закона ми изгледаат дека некој го земал законот за административни службеници, судска служба и јавнообвинителска служба и го ставил во „ChatGPT“ и излегол овој предлог-текст на закон. Овој предлог, мислам дека само предлагачот и говорничката од страна на предлагачот, може да го брани.“ 

На расправата се потенцира и дека треба да се зајакне самостојноста на јавнообвинителската служба, која според говорниците, повторно се враќа во рамките на модел кој треба да се надмине. 

Маја Петрова-советник портпарол и зам.претседател на Синдикална организација на јавни обвинителства 

„Работиме со кривични предмети, класифицирани информации, финансиски истраги, докази. Работиме во постапки, кои директно влијаат врз кривичниот прогон и владеењето на правото. Токму затоа очекувавме закон што ќе ја препознае таа специфичност.“   

Фатиме Фетаи-обвинителка од Вишо јавно обвинителство

„Секој јавен обвинител знае дека нема успешна истрага, нема обвинение, нема предмет, нема финансиско работење, нема информациски систем, нема обвинителство без овие луѓе кои стојат зад тие процеси. Ако еден обвинител го напушти системот, системот може да се соочи со проблеми, но кога стручната служба ќе си замине од системот, системот тогаш не функционира.“                      

Според заменик министерот за правда, Ален Дербан, со носењето на законот за судска и јавнообвинителска служба во 2015 година, превидено е дека вработените во судовите и обвинителствата имаат статус административни службеници, а за платите вели дека било потребно усогласување по добиените негативни мислења од министерството за финансии и од министерството за јавна администрација.

 Ален Деребан-зам.министер за правда

„Брзината поради која беше доставен во Собрание овој закон е реформската агенда, односно крајниот рок, за донесување на овој закон. Слушнав многу критики, забелешки, дел од нив се и прифатливи, токму оваа јавна расправа ќе помогне да бидат преточени во амандмани.“  

Собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците, ќе го искористи крајниот рок кој Деловникот го дозволува, односно второто читање ќе се реализира во понеделник. Дотогаш, според Љупчо Пренџов, претседател на Комисијата, ќе се направат консултации во поглед на она што може да биде прифатливо и ставено во рамки на законот.