Предлог-планот на МОН за 2020/2021 се очекува од понеделник
Foto

Предлог-планот на МОН за 2020/2021 се очекува од понеделник

Министерството за образование и наука има предлог-план како ќе почне да се реализира учебната 2020/2021 година од 1 септември. Тој треба да се финализира во наредната недела, да помине на седница на Влада и да биде соопштен во јавноста. Планот содржи протоколи за сите модели на настава –  присуство во клупите на дистанца и со заштитни маски, онлајн-настава преку е-платформи и комбинирано учење со ротации на учениците на одреден период.

На дваесетина дена пред почетокот на учебната година, се интензивираат дебатите што е најдобро и најсоодветно за учениците. Оние што се за физичко присуство тоа го аргументираат со слабостите на онлајн-наставата кои се покажаа од март до јуни – нееднаквост во техничка опременост, необученост за дигитални вештини, проблеми во интернет-пристапот итн, а приврзаниците на онлајн-наставата се повикуваат на  здравствената безбедност на децата, стравувајќи дека тие ќе бидат изложени на ризик од КОВИД-19, особено во средините каде што бројот на заразени е поголем.

Министерот за образование и наука Арбер Адеми вчера истакна дека преовладува позитивно мислење, и во Kоординативниот кризен штаб и во Владата, но и во образовните институции, учебната година да почне со физичко присуство. Сепак, се остава, рече тој, финализирање на модалитетите, уште еднаш протоколите да се разгледаат во Комисијата за заразни болести и потоа на седница на Влада  да се одлучи кој модел конкретно би се активирал за кои околности и во која епидемиолошка состојба.

Важноста од отворањето на училиштата ја потенцираше и претставничката на УНИЦЕФ во земјава  Патриција ди Џовани, која на презентација на резултати од истражување истакна дека пандемијата наметнала преориентација кон далечинско учење за децата да не изгубат од образованието и да нема застој, но дека има сѐ повеќе докази за негативното влијание од затворените училишта –  долгорочни последици врз учењето на децата, безбедноста, здравјето и благосостојбата.

0 Коментари

Остави коментари