Предлог буџетот на владина седница

По усвојување на владина седница Буџетот утре ќе биде доставен до Собранието, а пратениците ќе имаат можност месец и половина да дебатираат за парите што ќе се трошат следната година. Напишан на 500 страници, Буџетот за 2019 е проектиран на раст од 3,2% на БДП. Според Министерството за финансии, растот ќе биде придвижен од личната потрошувачка, високиот извоз и растот на инвестициите.

Новиот Буџет предвидува државата да собере 3,4 милијарди евра. Ќе бидат потрошени 288 милиони повеќе, односно 3,7 милијарди евра. Но проектираниот јаз меѓу приходите и расходите е за 8 милиони евра помал во однос на годинава. На приходната страна се пресметани и парите што треба да ги донесе прогресивниот данок и реформата на пензискиот систем. На расходната страна, пак, се влезени повисоките плати на докторите за 10 проценти од јануари и на целата администрација за 5 насто од септември. Дополнителни 35 милиони евра за социјална заштита, 418 милиони за капитални инвестиции, за НАТО интеграциите Буџетот е зголемен на 130 милиони евра.

Земјоделците до година конечно ќе ја добијат зелена нафта, а за компаниите ќе има 50 милиони евра за инвестиции и нови технологии. За бизнисот Буџетот е развоен и добро конципиран. Тие не најдоа крупни забелешки, но побараа од премиерот Заев следната година тој да има поголема храброст за економијата. Тевдовски рече дека води дисциплинирана буџетска политика, што пак ќе придонесе за стабилизација на јавниот долг на среден рок. Но до година тој ќе се зголеми за нови 600 милиони евра и ќе стигне до 54, 2 проценти од БДП.