Предизвици за добивање на независност на Македонија
Дозволете да ви честитам, на сите вас и на сите граѓани и граѓанки на Македонија, слободна, суверена и самостојна Македонија – изјави Киро Глигоров, првиот претседател на независна Македонија.
33 години од историското наздравување со шампањ и честитки до граѓаните од првиот претседател на државата Киро Глигоров и од првиот премиер Никола Кљусев. Вечерта на 8-ми септември 1991-та, се означи почетокот на исполнувањето на вековниот стремеж за независна и самостојна држава.
Претходеше Декларација и референдум. Над 95 отсто од граѓаните кои излегоа да гласаат, позитивно одговорија на прашањето „Дали сте за самостојна Македонија, со право да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија“.
Следен важен чекор во зацврстувањето на државата беше усвојувањето на новиот Устав на 17 ноември 1991 година.
– Оваа седница има свечен карактер, за да можеме сите заедно да го одбележиме усвојувањето и прогласувањето на Уставот на Република Македонија.
Десет години подоцна, Уставот беше надополнет по конфликтот во 2001 и потпишувањето на Рамковниот договор.
Државноста прва ја призна Бугарија, која пак, 29 години подоцна, ја блокира Македонија на евроинтегративниот пат. Монетарно, државата, се осамостои со воведување на денарот на 26 април 1992, а доби и своја Армија, која роденденот го слави на 18 август.
Меѓународно-правниот субјективитет на државата дефинитивно беше потврден на 8 април 1993 година кога со акламација во Генералното собрание на Обединетите нации, Македонија беше примена како 181 полноправна членка на Светската организација. Поради противење и притисоци од Грција, која не го прифаќаше уставното име, зачленувањето во ОН беше под привремената референца: Поранешна југословенска Република Македонија. Стартуваа децениските разговори за решавање на проблемот со името, а се заокружија со потпишување на Преспанскиот Договор на 17 јуни 2018та.
Македонија повторно го отвори уставот , а на 11 јануари 2019тагодина, пропратено со низа инциденти, Собранието со двотретинско мнозинство ги усвои уставните измени за промена на името. Државата го доби новото уставно име Република Северна Македонија.
Изминатите 33години самостојно живеење се одликуваат со низа проблеми и тешкотии. Трицифрената инфлација на почетокот на 90-те години, грчкото ембарго, косовската бегалска криза и конфликтот во 2001та, упадот во собранието на 27 април 2017та година - вистински предизвици и закани за младата македонска држава. И политичката криза беше надмината со Договорот од Пржино.
Македонија, сега Северна Македонија стана членка на НАТО, но остана блокирана на патот кон ЕУ. По две години преговори со официјална Софија, македонската влада го усогласи Протоколот со Бугарија, а на 19јули, по 17 години кандидатски статус , се оддржа и Првата политичка меѓувладина конференција со ЕУ. Сепак, за земјата да ги продолжи преговорите со Брисел , мора да ги вметне Бугарите во Уставот.
Дали Македонија ќе ја заокружи наскоро својата европска иднина, или патот кон ЕУ ќе стане невозможна мисија, останува прашање кое допрва ќе треба да се одговори.