Предизборна “меѓупартиска војна”
На првата седница на Централниот одбор Максим Димитриевски ќе биде исклучен од партијата, бидејќи постапил спротивно партискиот статус кога се кандидирал како независен кандидат, вели премиерот и претседател на СДСМ Зоран Заев.
Градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски пак вели дека ставот на Заев дека ќе биде исклучен на следната седница на Централниот одбор докажува дека вчерашниот став на секретарот Николовски дека се самоисклучил не е вистина и затоа тој сеуште е член на СДСМ.
- Вистинските социјалдемократи секогаш ја говорат вистината и не се служат со манипулации и инсинуации. Прашувам како однапред раководството на СДСМ можело да ги предвиди одлуките на Централниот одбор пред тие да бидат донесени. Дали за ваква внатрепартиска демократија се боревме? Јас нема да дозволам во моето општествено делување демократијата да биде само формална, туку така ќе биде практикувана и во реалност.
А на какви избори ќе одат граѓаните денеска дообјаснија од владата. Министерот за правда Бојан Маричиќ вели дека нема веќе време за било какви измени во изборниот закон и дека тие би се правеле после изборите. Додека премирот Заев вели дека според неговите информации нема пречка апаратите за отпечатоци на прсти да стигнат на време за граѓаните во Октомври прв пат да гласаат на ваков начин.