Пред стартот на пролетната сеидба на ориз, производителите со стари проблеми
Пред стартот на пролетната сеидба на ориз, производителите се соочуваат со стари проблеми. Оризарите од Кочанско обвинуваат дека каналите за наводнување не се исчистени, а сеидбата на ориз е на прагот.
Од водостопанската подружница „Брегалница“ во Кочани пак истакнуваат дека состојбата со акумулациите од хидросистемот е исклучително поволна, дотокот на вода од речните притоки е стабилен што ќе овозможи навремен старт на сезоната за наводнување во целиот источен регион.
Дополнителен проблем со кој се соочуваат земјоделците е увозот на квалитетен семенски материјал, кој поголем дел од оризопроизводителите го немаат.
Инаку, земјоделците од кочанскиот регион годинава планираат да ги зголемат површините со ориз за скоро 200 хектари, односно според првичните проценки ќе бидат посеани околу 3.800 хектари.