Пред собраниската расправа во петок, повик за контроли и високи казни за безбедност на улиците

Ден по најавата за јавна расправа за законски измени за зајакнување на безбедноста во сообраќајот, од опозициската СДСМ велат дека веќе имаат предлог решенија со кои треба да се подобри состојбата.

Една од мерките, како што велат од партијата е и одземање на возило во случај на поголем прекршок.

„Имаме два конкретни предлога како партија. Прво да има присутен полицаец пред и во секое училиште за време на одвивање на наставата и тој полицаец би се грижел за безбедноста на влезот во училиштето и на пешачките премини и секако за безбедноста на училиштето, гледајќи што се случува со некои инциденти во регионот. И вториот предлог ќе биде сериозно заострување на казните за најтешките прекршоци во сообраќајот, кои што дури ќе вклучуваат и одземање на возилото по примерот на некои европски земји.“ - Венко Филипче претседател на СДСМ.

Од ВМРО-ДПМНЕ пак и денеска побараа СДСМ да открие каков е нивниот однос со судијката Даниела Алексовска. Од партијата чекаат одговор на прашањето дали таа ја финансирала СДСМ или тие ја поткупувале неа со кирија додека биле на власт.

„Дали СДС плаќала кирија за закуп на судијката и колку? Дали киријата ја плаќале на сметка или во готовина? Доколку СДС не плаќале за изнајмување на простор дали истите пријавиле донација од страна на судијката во форма на отстапување на деловен простор без надоместок? Додека СДС и Даниела Алексовска Стојановска смислуваат одговор, судскиот совет да донесе одлука за разрешување на судијката која наркодилер наместо во затвор испратила во поправен дом.“ - Миле Лефков пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.

Министерството за правда веќе ја разреши од работната група која работи на измени на Кривичниот законик судијката Даниела Алексовска-Стојановска, која со судска одлука го спасила возачот Васил Јованов од притвор поради поседување дрога. И од судскиот совет велат дека го следат случајот со Фросина и  Не ја исклучија можноста да се отвори постапката против судијката. 

Во Собранието в петок ќе се одржи јавна расправа за законски измени за зајакнување на безбедноста во сообраќајот. Иницијативата дојде по трагичната сообраќајна несреќа минатата недела во која животот го загуби 22 годишната студентка од Неготино, Фросина Кулакова.