Пред објектот “Пулс” се поставени 63 срциња со имињата на жртвите
Пред објектот „Пулс“ во Кочани се поставени 63 срца со имињата на жртвите од трагедијата, а под нив се оставени цвеќиња во знак на почит, сеќавање и тага за изгубените животи.
Со низа настани денеска се одбележува годишнината од трагедијата што ја потресе јавноста и одзеде десетици млади животи. Граѓани, семејства на жртвите и пријатели се собираат пред местото на несреќата за да им оддадат почит на загинатите. Поставувањето на срцата со имињата на жртвите претставува симболично потсетување на 63-те згаснати животи и порака дека споменот за нив ќе остане жив.
Во Паркот на Револуцијата во Кочани, в понеделник, 16. март, во 10 часот ќе се одржи тивок граѓански собир во спомен на настраданите во трагедијата во „Пулс“.
Со симболично мото „63 бели столчиња, 63 имиња, 63 животи што недостигаат“, настанот го организираат општина Кочани и Здружението „16 март 2025 Кочани“.
Граѓаните ќе се соберат за заеднички да им оддадат почит на 63 животи кои засекогаш ќе останат врежани во колективната меморија на градот.

