Правосудните органи тврдат дека судењето за “Пулс” ќе се води брзо, судот повика да не се употребува сензационализам

Фер транспарентна постапка, објективно известување, да не се подлегнува на сензационализам, почит кон жртвите и кон сите страни во судскиот процес за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, апелираа в.д. претседателката на Кривичниот суд судијката, Даниела Димовска, државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски и претседателот на Адвокатската комора, Љубомир Михајловски на денешниот брифинг со новинарите во однос на техничките предизвици и организациската поставеност за текот на судењето.

На деветнаесетти ноември во судницата на КПУ Идризово започнува судењето за еден од најтешките предмети. 

В.д. Претседателката рече дека судот ќе ги обезбеди сите неопходни услови и нагласи дека судот е исправен пред голема задача. Посочи адвокатите да ги информираат оштетените, кои во овој случај се и сведоци, дека нема да смеат да ја следат главната расправа пред да сведочат. Во спротивно ризикуваат да го изгубат правото на сведочење. 

судијка Даниела Димовска-в.д. Претседателка на Кривичен суд Скопје

„Судот ќе преземе засилени безбедносни мерки како и присуство на лекарска екипа. Апел и до Лекарската комора, лекарите да не потпишуваат боледување на странките само доколку тоа навистина е потребно. Оштетените сведоци нема да можат да ја следат постапката до нивното сослушување.“ 

Државниот јавен обвинител, Љупчо Коцевски посочи дека по два ипол месеци обвинителите ја завршиле постапката и се подготвени за судењето.  

Љупчо Коцевски-државен јавен обвинител 

„Обвинителството е подготвено, има проширен тим од 15 обвинители со цел да не се дозволи одложување на рочиштата. Доказниот материјал е обемен. Обвинителството ќе преземе се за ефикасен судски процес.“

И претседателот на Адвокатската комора, Љубомир Михајловски, апелираше за дисциплина и почитување на редот. Тој очекува правна борба имајќи доверба во стручноста на судечкиот совет.

Љубомир Михајловски-претседател на Адвокатска комора

„Ги цениме напорите на Судот, како и за овозможување на условите на адвокатите, кои во овој случај се пријавуваат како бранители и полномошници. Нема да дозволиме да се оневозможат правата. Апелирам сите да помогнеме за дисциплина и непречено одвивање на судскиот процес.“

Пожарот во дискотеката „Пулс“ настана на 16 март годинава. Над 60 лица го изгубија животот, а околу 200 лица се повредени. Во овој случај обвинети се 38 лица, од кои 35 физички и три правни лица. Во тек e и истрагата за полициските службеници и началници која ја води ОЈОГОКК. 

Судскиот процес ќе го води судијка Диана Груевска Илиевска.