Правната основа за предметите на СЈО со различно толкување
Ќе има ли правна разврска за најголемата афера за криминал и корупција во земјава која произлезе од бомбите?! Ќе им се суди ли на експремиерот сега азилант Никола Груевски, екс шефот на УБК Сашо Мијалков, поранешните министри за транспорт и МВР Јанакиески и Јанкуловска и редица функционери од претходната власт. Јавноста е збунета, додека експертите се препукуваат дали петнаесетина истраги, уште толку обвиненија и голем дел предистражни постапки и непреслушаните бомби треба да преминат од Специјалното во јавното обвинителство, откако Јанева од притвор побара, а Јовески се согласи. За поранешниот јавен обвинител Јован Трпеновски нема никаква правна пречка процесите да продолжат таму кај што застанале. Јавниот обвинител е должен да преземе кривично гонење ако постојат докази дека е сторено кривично дело, а СЈО не е суспендирано и Јанева не е разрешена.
„Јас мислам и ако има дилеми кај одредени колеги дали ова е дозволиво или не е, јас сметам дека можност има да се префрлат предметите кај државниот јавен обвинител и да продолжи постапката. Затоа што на ваков начин практично се прекинува рокот на застареност и не се дозволува да сторители на кривично дело да не одговараат. Затоа што може да не одговара извршител на кривично дело само доколку има аболиција ако е настапена застареност. Овдека аболиција нема, рокот за застареност не е постигнат и треба секој сторител на кривично дело да одговара“- изјави Јован Трпеновски, поранешен јавен обвинител.
Според Трпеновски со писмото на Јанева и согласноста на Јовески, практично се отвора и можноста да се отворат и нови предмети од бомбите кои СЈО не успеа да ги отвори до јули 2017 година.
„Рокот на престанува на важноста на СЈО е до 2020 година. Имаше таму одредба каде што во рок од 18 месеци од денот на донесување на предметите да треба да се поднесе обвинение. Меѓутоа ако е тоа стриктна одредба во законот за СЈО во конкретнит случај треба да се применат општите правила во законот каде што вели во колку не е предвидено во закон со Сјо тогаш генералната одредба. Ќе се примени законот за јавно обвинителство. И мислам дека тука ќе се најде процедуралната можност да се продолжи со постапување и по предметите за кој е поминат рокот од 18 месеци“- рече Трпеновски.
Професорот пак Буџаковски нема правен основ за префрлање на предметите, а проблемот треба да се реши со законот за јвното обвинителство кој е во собраниска процедура,а партиите се уште се во клинч.
„Мојот став околу преземањето на предметите од Сјо во Ојо произлегува од одредбите на законот за СЈО. Таму никаде нема одредба дека предметите може да се префрлат на друго обвинителство бидејќи тие спаѓаат во надлежност на СЈО. Според мене ова треба да се реши со законот кој е во собраниска постапка и со одредба каде тие ќе се префрлат. Не знам зошто толку се брза да се префрлат предметите. Тоа укажува на тоа дека нешто се крие фактички во тие предмети. Тоа мора да излезе на виделина, ќе видиме што точно се крие позади тие предмети“ - Стефан Буџаковски, професор по казнено право.
Според него доколку се предадат предметите од СЈО на ОЈО, тогаш и сите постапки треба да почнат од почеток.
„Доколку се предадат сите предмети и се задолжат други обвинители тие треба да побараат од судот, односно според законот да се води целокупната судска постапка од почеток. Бидејќи новиот обвинител кој ќе биде задолжен по предметот, треба да го проичи предметот, да ги проучи доказите со кои располага па после тоа да се вклучи во постапка. Тоа ќе значи дека според законот за кривична постапка предметите прво ќе мора да имаат застој бидејќи ќе имаат преземање на друг јавен обвинител. Тоа е логичка работа не само и законска“- посочи Стефан Буџаковски.
И додека експертската јавност и партиите се на нож, јавниот обвинител Јовески денска не одговара на повиците, за да објасни како планира да тече овој процес.