Правата на Бугарите во Македонија, повторно тема во Софија
Жестоки реакции од Софија за ставот на претседателот Пендаровски да се прогласат за персона нон грата бугарски политичари кои работат против интересите на двете земји.
Најавата за бугарско вето е повторно во фокус, а не изостануваат ниту обвинувањата дека се врши агресија врз македонските Бугари под добронамерен поглед на македонските власти.
Екс шефицата на бугарската дипломатија Захариева обвини дека претседателот Пендаровски слугува на Белград и Москва
- Во отсуство на акција, извинувањата и ветувањата на македонските власти не се доволни. Претседателот Стево Пендаровски не ги штити интересите на својата татковина, туку служи на политиката на Србија и Русија на Балканот. Тој со своите изјави го кочи развојот на односите меѓу Софија и Скопје. - изјави Екатерина Захариева ГЕРБ.
Европратеникот Ќучуќ кој во исто време е и известувач за Македонија во ЕП, порача пак дека враќањето на бугарското вето ќе биде голема грешка, но од друга страна, вели – Брисел нема да го оправда Скопје, ако ги спречи бугарските европратеници и политичари да присуствуваат на чествувањето на денот на раѓањето на Гоце Делчев на 4 февруари
- Нема шанси европските институции да го охрабрат ваквото однесување на македонските власти. Ниту Брисел, ниту Стразбур не можат да го прифатат ова како нормален пристап. - изјави Илхан Ќучук европратеник.
А бугарскиот претседател Румен Радев, пак веќе испрати порака до македонскиот државен врв, дека ќе ги активира сите европски механизми, за како што вели, да престане антибугарската хистерија во Македонија.
Румен Радев претседател на Бугарија - Македонија не ги ни започна преговорите. Таа се уште не ја отворила вратата од просторијата каде што се водат овие преговори. Во нашиот случај, бидете сигурни дека ќе се активираат сите европски механизми за да престане оваа антибугарска омраза и хистерија.
Поранешниот бугарски министер за одбрана Ноев е единствениот кој кажа дека има бугарски политичари кои ги бранат интересите на Кремљ, но застана на страната на останатите бугарски политичари дека во Макеоднија има забрана на се што е бугарско.
Од Софија пристигнаа и најави дека ќе се жалат во ОБСЕ, со кое годинава претседава токму Македонија. Во исто време, денеска, бугарскиот амбсадор во земјава Ангел Ангелов во Софија реферира пред својот шеф , министерот Милков за најновите случувања и правата на Бугарите во земјава.