Пратениците Ристески, Битиќи и Демири на 12. Пленарна сесија на ПС на ПСЈИЕ во Тирана
Собраниска делегација во состав Петар Ристески, Фатмир Битиќи и Илир Демири, членови на Делегацијата во Парламентарното собрание на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПС на ПСЈИЕ), учествува на Дванаесеттата пленарна сесија на ПС на ПСЈИЕ, што се одржува од 8 до 10 јуни 2025 година во Тирана, во рамките на Албанското претседателство со ПСЈИЕ. На сесијата учествуваат претставници на 11 земји учеснички во ПСЈИЕ, како и на Советот за регионална соработка и на Балтичкото собрание.
-На 9 јуни, пратениците Ристески, Битиќи и Демири учествуваа на седницата на Постојаниот комитет и на одделните седници на трите комисии на ПС на ПСЈИЕ за социјален развој, образование, истражување и наука; за правда, внатрешни работи и безбедносна соработка и за економија, инфраструктура и енергија, информира собраниската прес-служба.
Пленарната седницата што се одржува денеска ја отворила Елиса Спиропали, претседателка на Парламентот на Албанија, која нагласила дека парламентарно претседателство со Процесот своите активности ги фокусирало на интензивирањето на парламентарниот дијалог и унапредувањето на соработката во регионот, особено во врска со подобрувањето на меѓусебната поврзаност.
Игли Хасани, министер за Европа и надворешни работи на Албанија и претседавач на ПСЈИЕ пред пратениците ги презентирал активностите на Албанското претседателство со ПСЈИЕ, кое се одвива под мотото „Обликување на нашата европска иднина“, со шест главни приоритети: европска интеграција, безбедносна соработка, раст на економијата, туризам и култура, меѓусебна поврзаност и транспорт и соработка во здравството.
Главна тема за дискусија на пленарната седницата е „Парламентарна соработка за подобрување на регионалната меѓусебна поврзаност во Југоисточна Европа“.