Пратениците изгласаа измените на Изборниот законик да се донесат по скратена постапка

Со 85 гласа за, 2 против и 5 воздржани Собранието ја изгласа потребата за изменитена Изборниот законик да се носат по скратена постапка. Собранискиот спикер, Талат Џафери ги задолжи претседателите на матичните комисии за политички систем и законодавно правната комисија да свикаат седница.

Претходно, пратениците Димитар Апасиев и Павле Трајанов побараа од дневен ред да се симне точката Предлог на закон за изменување и дополнување на Изборниот законик, но нивниот предлог не беше прифатен.

Измените и дополнувањата на Изборниот законик предложени од пратениците Јован Митрески, Александар Николоски, Никола Мицевски, Арбер Адеми, Скендер Реџепи, ги образложи пратеникот Јован Митрески.

Тој рече дека предложените измени на Изборниот законик произлегуваат од последниот извештај на ОБСЕ/ОДИХР поврзан со предвремените избори во 2020 година и оти дошле по повеќемесечна сеопфатна дебата меѓу партиите и работната група на Министерството за правда.

– Со измените се опфатени сите делови на извештајот на ОБСЕ-ОДХИР и со истите се овозможува поголема ефикасност на изборните органи, се зголемува и подобрува ефикасноста и транспарентноста во изборниот процес, се прецизираат, појаснуваат и поедноставуваат одредени делови од процесот, надлежноста на изборните органи и другите институции и се подобруваат и се воведуваат нови изборни дејствија и рокови пред сè кои се поврзани од досегашното искуство и пракса при спроведувањето на изборите од страна на Државната изборна комисија, но и кои произлегуваат од воведувањето на нов начин на идентификација на гласачите и делумно нов начин на гласање за советници во општините преку отворени-преференцијални листи на кандидати, рече Митрески.