Познати имиња на списокот хонорарци во владата
Владата го објави списокот на хонорарци - ангажирани вкупно 55 лица со авторски договори за период од 1 јануари 2021 до крајот на годината.
На списокот се најдоа имињата на професорот Ванчо Узунов, колумнистот Петрит Сарачини, синот на Самка Ибраимоски, Демир Ибраимоски, како и името на претседателот на СДММ Марко Михаилоски.
„Според листата, највисокиот месечен надоместок изнесува 60 000 денари, а во описот на ангажираното лице пишува: „Анализа на информации и податоци за изготвување извештаи со елаборирање - Претседател на ИКТ совет“.
Втор хонорар по големина е оној за:
„Координација на активностите поврзани со регионалната економска интеграција на Република Северна Македонија со позиција (ШЕРПАС) - национален координатор за МАП и РЕА, како и поддршка на активностите на тимот за скрининг и преговори“
Третиот највисок хонорар изнесува 45 илјади денари. Најнизок хонорар, пак од 14 500 денари, според списокот, зема толкувач на знаковниот јазик на прес-конференциите.
„За „Анализа на информации и податоци за изготвување на извештај со елаборирање од областа на енергетиката“ - пак, според објавените податоци лицето кое е задолжено не зема надоместок.“
На веќе јавно обајвената листа може да се забележи дека голем дел од лицата се ангажирани за потребите на прес-центарот и односи со јавноста. По објавувањето на листата - реагираа од опозицијата, велат со народни пари се плаќаат хонорарци чии имиња до вчера беа скриени од јавноста.
„И додека Самка ги лаже Ромите со покачена социјална помош, неговиот син земал 40.000 денари месечно како хонорарец. 53.000 денари хонорар од Заев добил и професорот Ванчо Узунов, кој беше и потпретседател на СДСМ. На листата хонорарци се најде и името на Ивана Митрова, секретарка на Драги Рашковски, која земала 38.000 денари. Независен колумнист, и владин хонорарец во исто време, тоа е Петрит Сарачини, кој месечно од владата бил плаќан 42.000 денари. Истиот тој се продава како независен и непристрасен. Марко Михаилоски претседател на СДММ е уште еден од хонорарците чии имиња до вчера не беа објавени.“ - изјави Дарко Костовски од ВМРО-ДПМНЕ.
Од Илинденска број два децидни нема тајни хонорарци, точно се знае кој за што е ангажиран. Велат дека досега не ги објавувале имињата за да го заштитат интегритетот и приватноста на ангажираните лица.
Од Владата појаснуваат дека лицата се ангажирани со договор на дело за специфични задачи кои Владата не може да ги обезебеди од редот на вработените. Информациите дека исти лица биле вработени во Владата и истовремено добивале хонорар, повторуваат се дезинформации.

