Позитивни оценки за Преспанскиот договор
Foto

Позитивни оценки за Преспанскиот договор

За краток временски период се постигнати важни и позитивни резултати од преспанскиот договор, тоа не го очекуваа ни најголемите оптимисти, вели портпаролот на грчката Влада Димитрис Ѕанакопулос во интервју за весникот „Неа селида“. Тој смета дека Грција за неколку месеци успеала да додаде нов сојузник на Балканот, но и да врати скапоцен дел од нејзиниот дипломатски капитал за вистинските дипломатски прашања во регионот.

„Како што минува времето, како што ќе се зајакнуваат врските на пријателство и соработка, како што во пракса ќе се покажува заедничката корист за двата народа, така ќе стивнуваат и екстремните гласови и гласовите на поделба во внатрешноста на двете земји“. - изјави Ѕанакопулос.

По големиот пораз на национализмот и квазипатриотизмот и од двете страни на границата, Грција го надгради нејзиниот углед во цела Европа и создаде соодветен терен за голем грчки инвестиции во Северна Македонија, истакнува портпаролот на грчката Влада. Претходно, шефот на грчката дипломатија Јоргос Катругалос изјави дека Договорот од Преспа е чесен компромис, дека ги задоволува националните интереси на двете страни и еднаш засекогаш го отстранува отровот на меѓусебното сомневање. Еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан, пак се надева дека Договорот од Преспа како решение на долгогодишен спор може да послужи како пример за решавање на проблемите на Балканот вклучувајќи го и, како што вели, „застојот “ во дијалогот меѓу Србија и Косово. Во интервју за Вашингтон пост, Хан вели дека САД го поддржаа процесот за тоа што денес се нарекува Северна Македонија и дека ја поддржуваат ЕУ и нејзината улога во Балканот.

0 Коментари

Остави коментари