Позитивни на Ковид 19 во текстилна фабрика во Вевчани
Foto

Позитивни на Ковид 19 во текстилна фабрика во Вевчани

Прв кластер на заболени од Ковид 19 во Вевчани. Пет работнички од текстилна фабрика досега се позитивни на вирусот, се заразиле од колешка која со симптоми и заразен член во фамилијата неприкинато одела на работа и ги криела симптомите.

Несовесноста на вработената сега става во опасност уште 35 други вработени, а бидејќи станува збор за голем број на контакти, извесно е дека бројот на заболени од овој  кластер ќе расте. Во ситуацијата е добро тоа што сите досега заболени се со лесна клиничка слика, но фабриката продолжила да работи и после дијагностицирањето на заболените иако указ за затворање добила и од Центарот за јавно здравје и од санитарниот инспекторат.

Градоначалникот на Вевчани вели ситуацијата со овој кластер се следи, но е алармантна од причина што фабриката продолжила да работи и покрај тоа што менаџментот бил известен и свесен дека во погоните постои кластер на заболени кои контактирале и со други вработени.

Од Центарот за јавно здравје-Охрид информираат дека сите останати вработени кои ќе пријават симптоми ќе бидат тестирани, а сите контакти на досега позитивните лица се ставени во изолација.

Извори од селото за ТВ24 даваат различни информации, дека во фабриката се носела заштитна опрема и се почитувале здравствените протоколи, а други пак дека воопшто не се водело грижа за здравствената безбедност на вработените. Лекарите велат дека инспекторатите треба детално да ги проверат таквите информации и согласно исказите да постапат.

0 Коментари

Остави коментари