Пожарот во НП Маврово изгаснат со помош на снежните топови
Пожарот што вчера се појави на терторијата на Националниот парк Маврово во близина на скијачките патеки на скијачкиот центар е изгаснат со помош на дел од опремата за правење вештачки снег.
Од скијачкиот центар информираат дека синоќа, по целодневните обиди од нивни и од вработени во националниот парк да го изгаснат огнот што се појави во близина на двоседната жичара, вработените од скијачкиот центар решиле да го стават во употреба тукушто монтираниот систем за вештачки снег на двосед патеката.
– Скијачкиот центар Маврово секогаш своите капацитети ги става на располагање за заштита на животната средина и на убавините на Националниот парк Маврово и истовремено ги повикува надлежните органи да истражат околу предизвиканите пожари кои беснееjа вчера низ планините, се наведува во соопштението од ски-ценатрот.
Отаму искажуваат и задоволство што помогнале во гаснење на пожарот и намалување на поголемите штети кои можеше да ги предизвика.
Благодарност се искажува и на вработените и на сите љубители на Маврово за загриженоста и иницијативата да помогнат во зачувување на убавините на Скијачкиот центар.