Пожарот кај „Јасен“ ги крена сите три противпожарни авиони

Пожарот кај „Јасен“, кој од страната на Македонски Брод се движи кон ловиштето, ги мобилизираше сите три авиони „ер трактор“ на Дирекцијата за заштита и спасување. Воздушната интервенција треба да им помогне на теренските екипи да го запрат огнот пред да навлезе подлабоко во заштитеното подрачје.

Директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов, информира дека авионите дејствуваат врз огнената линија, додека екипите на ловиштето се обидуваат да го спречат нејзиното ширење: „Засега огнот не е толку низок, но доколку навлезе во боровата шума, може да ни се повтори она што ни се случи“, предупреди Ангелов.

Активен останува и пожарот во атарот на селото Селце, на границата меѓу општините Струга и Дебар. Таму интервенираат струшките пожарникари, а најавено е испраќање дополнителни екипи бидејќи огнот сè уште не е целосно ставен под контрола.