Пожарите опустошија дел од државата во 2021 година

Тоа што не беше диво исечено го пеплосаа пожарите. Случајно или намерно предизвикани. Триесет и осум милиони евра е вкупната штета од пламените јазици кои ја зафатија Македонија за период од четири месеци, јуни, јули, август и септември. Во ек на летото,  според последното истражување на Државниот завод за статистика и ЈП „Национални шуми“, земјава била зафатена од 142 шумски пожари во кои беа опожарени 11. 420 хектари површина шума или повеќе од  482 илјади  метри кубни дрва.

„Од вкупните штети од пожарите најмногу беа зафатени шумите од мешаните насади, кои учествуваа со 52.2 отсто, шумите од листопадни видови со 30.2 отсто, шумите од иглолисни видови со 10.1 отсто, додека приземната вегетација учествуваше со 7.4 отсто“. - Државен завод за статистика.

Најкритичните пожари со кои и најдолго траеше борбата  беа оние што избија на еден од најголемите државни празници, на 2 август, на Илинден. Кога изгоре едното белодробно крило на Македонија. И додека надлежните се сетија, помош во гаснењето доѓаше од сите страни - пожарникари од  Австрија, од Бугарија и Романија. Србија испрати хеликоптери а дојде помош и од Словенија и Франција. Се вклучија и армијата и полицијата но и граѓаните кои вложуваа максимални напори да се спречи секоја нова искра која се разгоруваше од секунда во секунда. 

А во битката за секоја педа земја но и сечиј живот сите придонесуваа како знаат и умеат.

Првиот човек на центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов за ТВ24 oценува  дека надлежните биле на висина на задачата во спрвувањето со пожарите. Сепак, вели тој, Македонија кубури со ресурси. Ангелов признава дека слабости при справувањето со пожарите имаше. Една од нив, нефункционалноста на авионите за гаснење на пожари. Во екот на огнените стихии Владата се сети и донесе одлука за итно сервисрање . 

Ниту еден дел од македонското тло не беше поштедено од катастрофата. 

Скоро половина година подоцна надлежните ниту пронајдоа виновници за подматнтите пожари ниту утврдија одговорност кај било која институција.