Пожари – непроценливи штети и ризици од поплави, државата без стратегија пред очи ја губи природата
Foto

Пожари – непроценливи штети и ризици од поплави, државата без стратегија пред очи ја губи природата

Нема работно време за пожарникарите од скопската бригада. Голем број од нив, синоќа преноќија на ридот над Пинтија, кој со часови беше во пламен. Утрово повторно ги најдовме на терен, правеа обиколки и чуваа стража над потенцијалните жаришта.  

„Во моментов нема ништо, ова е стандардна процедура дали има уште горење или има можност за повторно да се запали“ - вели Владимир Симоновски, командант на Противпожарна единица Скопје.

Додека да стасаме кај жариштето, Симоновски доби уште еден итен повик. Дојава за пожар во борова шума кај Љубин. Со возила и опрема стара со децении, тргнаа во борба со огнените јазици. Зад нив, остана пустош. 

„Разочарувачка е глетката кога едно парче природа за неколку часа се претвора во пепел. Штетите од пожарите се ненадоместливи, а за обнова ќе треба и време и пари.“ 

Во пожарите страда цел биодиверзитет, а штетите и последиците се непроценливи, потенцираат и експертите.  

„Се нарушуваат целосно процесите во почвата а тоа предизвикува нарушување на физичките и хемиските процеси и процеси на деградација. Тоа предизвикува можност за силна ерозија, поројни надоаѓања и при појава на секој пороен дожд, еве како кај поурбани средини како Скопје, може да очекуваме и поројни поплави од поголеми размери многу често за жал и со катастрофални последици.“ - реќе Александар Трендафилов – професор на Шумарскиот факултет.

Колку може да се надополни она што е изгубено? Само во последниве 5 години, според податоците на Државниот завод за статистика, низ Македонија во пожар исчезнале речиси 20.000 хектари шума, а вештачки засадени биле четирипати помалку. Без државна стратегија – нема ефекти. 

„Во рамките на бивша југославија беше направено многу благодарени на фондот за пошумување, таа програма за одлуките колку и каде ќе се пошумува ја носеше Собранието, што ја кажува и тежината на тогашните активности. И за жал особено после осамостојувањето, кога станавме демократија или јас би рекол анархија, тие процеси се сведоа на минимум“ - смета Трендафилов.

Познавачите потенцираат и дека во битката со пожарите клучна е и брзата и ефективна интервенција. А тоа, може да биде проблем. 

„И сами може да видите дека ваквите терени се непристапни за леки коли или директна механизација која може да ни помогне. Ние може да останеме на терен и до 15-20 часа, но тоа е многу. Се координираме некако се организираме овој период“ - вели командантот Симоновски. 

Што планира да направи државата за да ги спаси своите бели дробови и кога достоинствено ќе ги опреми нејзините спасители, до емитувањето на овој прилог, од ниту една надлежна институции не добивме никаков одговор.

0 Коментари

Остави коментари