Пожари беснеат во Македонија, 12 активни на отворено

Пожарите кои веќе неколку дена беснеат низ државата, на површина ги извадија бројните проблеми наталожени во земјава. Пожарникарите оставени без соодветна техника и опрема, со просечна старост од 36 години, нема обезбедено пилоти за ер-тракторите, а згора на сè, вработените во ,,Македонски шуми" гаснат пожари, буквално, по влечки! 

Заменик генералниот директор на ,,Македонски шуми", Кире Михаилов за 24 вели дека освен што работниците биле оставени по влечки да гасат пожари, немале ниту здравство, а доцни и исплатата на три плати.

Ќе следи ли целосна реорганизација во „Македонски шуми“, е прашање на кое одговор ќе има откако пожарите ќе бидат ставени под целосна контрола. Меѓутоа, освен вработените во Јавното претпријатие, во борбата со пламените јазици може да настрада секој што ќе застане да се бори со нив. Таков е случајот со 40 годишниот Златко Димов од росоманското село Сирково. Човекот кој лавовски борејќи се со пожарот заработил изгореници од потежок степен.

Златко е невработен, сопруг и татко на три малолетни деца и во моментов се опоравува од изгорениците. Тој за 24 вели дека доколку има потреба повторно би го направил истото без размислување и посакува што побргу да се најдат и казнат лицата што ги предизвикале пожарите.

Во меѓувреме, не стивнуваат пожарите на планината Серта во штипскиот регион. Нови огнени жаришта има кај штипските села Пухче и Лесковица. Огнот кај Драгоево и Селце со крајни напори се држи под контрола.

Вкупно 35 пожари на отворено имало во изминатото деноноќие во Македонија, а од нив активни се вкупно 12, од кои 4 се ставени под контрола, а изгаснат е пожарот на планината Огражден, над селото Бадилен, општина Ново Село.

Инаку, благодарници и подароци денес добија храбрите пилоти од Романија, Словенија, Хрватска, Србија и Црна Гора, кои ни помагаат во справување со огнената стихија.