Пожар во напуштена барака во Аеродром, на нејзино место ќе никне зграда

Пожар во напуштена барака во Аеродром, во гаснењето на пожарот учествуваа три противпожарни возила и десет пожарникари. 

Бараката се наоѓа на улицата „Коста Новаковиќ“, и наскоро треба да биде срушена. Во меѓувреме, според информациите на МВР бараката ја користат бездомни лица кои тука наоѓаат прибежиште, особено во студентите зимски денови. Како дошло до пожарот допрва ќе се утврдува, но претпоставка е дека причината е старо ќумбе во кое се горат и отпад и други материјали. 

Бараката и пред пожарот била подготвена за уривање, заедно со три други, една од нив сега ја користат од претпријатието  Национални шуми - Шумско стопанство Караџица а другите служат како канцеларии на приватни фирми. 

На место на срушените бараки треба да никне нова зграда. Градоначалникот на општина Аеродром, Дејан Митески потврдува дека на тоа место е одобрено решение за градба.

Претставникот на сопственикот на објектот вели дека не е прв пат бездомни лица да го користат овој демолиран објект како преноќиште и да предизвикаат пожар греејќи се во зимските денови. Зад камерата, полициски службеници се жалат дека и да ги соберат бездомниците со цел нивно сместување во објектот во Чичино село, оттаму бегаат и повторно се враќаат на истите места.