Пожар и детонации во воен магацин на Крим

Две лица се полесно повредени во серија експлозии предизвикани од пожар што зафатил складиште за муниција во близина на населеното место Мајско во областа Џанкој на полуостровот Крим.

Руското Министерство за одбрана потврди дека пожар избувнал во магацин за муниција, по што дошло до детонации.

„Според информациите од лице место, засега нема сериозно повредени“, се наведува во соопштението на Министерството за одбрана, посочувајќи дека се преземаат мерки за гасење на пламенот и откривање на причините за избувнувањето на пожарот.

Регионалниот шеф на Крим, Сергеј Аксјонов, соопшти дека две цивилни лица се полесно повредени во инцидентот, како и дека се евекуирани околу две илјади жители на Мајско.