Поздрави, но и обвинувања за Вучиќ и Курти за договореното во Охрид

Ден по маратонската 12 часовна средба во Охрид, српскиот претседател Александар Вучиќ во обраќањето до јавноста рече дека Белград е подготвен да работи на имплементација на предложениот договор за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина до нивните црвени линии.

Рече дека во Охрид не потпишал никакви документи.

„Не потпишав поради неколку работи. Србија е меѓународно-правно призната држава, а она што тие го нарекуваат Република Косово, за мене не е. Поради тоа не сакам да правам меѓународно-правни договори со Република Косово.“ - рече Вучиќ.

Поранешната главна преговарачка на Приштина во дијалогот со Белград, Едита Тахири, напиша дека Албин Курти го прифатил договорот без признавање, со здружување и автономија за српското малцинство. Побара пратениците да не гласаат за овој договор и да не дозволат капитулација на Косово пред Србија.

„Косово ја доби војната против Србија, премиерот Курти историски и стратешки го пропадна Косово на маса. Прифати договор за непризнавање со Србија.“ - напиша Едита Тахири поранешна главна преговарачка на Приштина со Белград фејсбук.

Вчерашните преговори на европската двојка Борел и Лајчак со претседателот Вучиќ и косовскиот премиер Курти ги одбележаа неколку важни точки. Постигнат е договор за анексот на договорот на патот кон нормализирање на односите на двете страни.

„Морам да нагласам дека за отворањето на патот кон стратешката цел за членство во ЕУ, Србија и Косово мора да ги нормализираат односите, нема заобиколен пат. А Анкесот на овој договор е важен чекор за тој пат да стане реалност.“ - изјави Жозеп Борел висок претставник на ЕУ за надворешна политика.

Борел истакна дека кога станува збор за ЗСО, односно член 7 од договорот, Косово е подготвено веднаш да почне преговори за воспоставување на аранжмани и подготовки за обезбедување вистинско ниво на самоуправа на српската заедница.

Косовскиот премиер Албин Курти рече дека останува на ЕУ да најде механизам статусот на овој договор да биде правно и меѓународно обврзувачки. Ќе дадеме се од себе српското малцинство на Косово по ниту еден основ да не се почувствува дискриминирано, рече Курти.

„Тоа значи дека се залагам и за оние кои сакаат да се вратат. Повеќе од нив веќе ги имаат продадено имотите, но има и такви кои имаат имоти на Косово и се залАгам за правата на сите тие луѓе без разлика на нивната припадност.“ - изјави Албин Курти премиер на Косово.

Инаку, европскиот договор постигнат во Брисел, како и анексот од Охрид, стануваат дел од преговарачкото поглавје 35. Меѓу другото, во Охрид било договорено во иднина она што ќе се исполни од планот за имплементација да биде насока за европскиот пат.

Во текстот на Анексот за имплемантација на договорот меѓу Белград и Приштина, Косово и Србија се согласуваат дека нема да ја блокираат примената на ниту еден член. Секое неисполнување на нивните обврски од Договорот, од Анексот или претходните договори од дијалогот може да има директни негативни последици за нивните процеси за пристапување во ЕУ и за финансиската помош што ја добиваат од ЕУ.