ПОВТОРНО ЖРТВИ НА ПАТОТ ПИНТИЈА-ДРАЧЕВО – ЕДЕН ОД ЗАГИНАТИТЕ ИМАЛ 16 КАЗНИ ЗА 5 МЕСЕЦИ
Foto

ПОВТОРНО ЖРТВИ НА ПАТОТ ПИНТИЈА-ДРАЧЕВО – ЕДЕН ОД ЗАГИНАТИТЕ ИМАЛ 16 КАЗНИ ЗА 5 МЕСЕЦИ

Остатоци од автомобили расфрлени на десетици метри. Две жртви. Молк и воздишки од очевидци. Стравична беше синоќешната глетка на булеварот Борис Трајковски. Во директен судар меѓу голф и пежо, двајцата возачи загинаа на самото место. Дваесетиедногодишно момче од село Батинци и четириесетиосумгодишен маж од Драчево.

На местото не се гледаа траги од кочење. Неофицијално, причината за сударот е преголема брзина.

Самиот булевар од четири коловозни ленти им нуди можност на шоферите да развијат голема брзина, но во одреден момент почнува неговото тесно грло, бидејќи улицата нагло се стеснува, што остава простор, на таква брзина, за директен судар меѓу возилата.

Граѓаните се жалат дека тоа тука е редовен проблем. Велат не се почитуваат ниту семафори, ниту коловозни ленти, па не се чувствуваат безбедно ниту како возачи ниту како пешаци.

- „Се вози се вози, не се внимава..Ние често патуваме тука ама мора да сме многу внимателни; Не можеме улица да преминеме, не си сигурен; За мноу кратко време се случија тешки сообраќајни несреќи за кратко време, така што надлежните мора да размислат што ќе преземат.“ - велат граѓаните

Полицијата тврди постојано е на терен, а дел од многубројните казни, му припаѓале и на една од жртвите. 

- „Од јануари до крајот на мај имаме 369 казни само за брзо возење, еден од учесниците во оваа незгода која за жал заврши со смртни последици, имал изречено 16 казни од јануари месец до сега“ - вели министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

Дел од граѓаните алармираат дека освен сообраќајни казни, неопходно е дополнително обезбедување на просторот, бидејќи заедно со новите две жртви, бројот на загинати на оваа улица се искачи на 7 лица во период од неполн месец. Претходно, петмина загинаа на самото место, откако со автомобил влетаа во камион на комунална хигиена.

0 Коментари

Остави коментари