Повторно оштетен бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид, осуди за нападот доаѓаат и од Бугарија и од Македонија

„ На стаклото од надворешната врата и стаклото од излогот на канцеларијата има две оштетувања направени од оружје.За настанот известен е Јавен Обвинител од ОЈО Охрид  по чии насоки се преземаат мерки за  расчистување на настанот", стои во соопштението на охридската полиција.

Ова е трет напад врз контроверзниот бугарски клуб во Охрид, претходно, беше искршена таблата на просториите во кои е сместен клубот, а минатата недела и излогот каде е испишано името Цар Борис Трети. Од македонското МНР најостро го осудуваат инцидентот и велат дека ваквите настани се целосно неприфатливи и можат да загрозат човечки животи.

„Ваквите настани се целосно неприфатливи, можат да загрозат човечки животи, и ги засилуваат ретроградните процеси кои се во спротивност со европските интеграции на земјава“се вели во соопштението од МНР.

Како што пренесуваат бугарските медиуми, бугарските дипломати детално го информирале раководството на Европската комисија за инцидентот во Охрид а денеска на средба ќе биде повикана и македонската амбасадорка Агнеса Руси – Поповска во Софија во министерството за надворешни работи на која ќе и биде врачена протестна нота. 

Бугарското МНР ја нотира реакцијата на Министерството за надворешни работи на Македонија, но, се посочува, „категорично не прифаќаме вакви тешки кривични дела да се дефинираат како вандалски чин“.

Бугарскиот претседател Румен Радев уште еднаш ја предупреди Македонија дека патот кон Европската Унија води преку признавањето на правата на македонските Бугари.

„Државното раководство на Република Северна Македонија и целото општество кај нашиот сосед треба да разберат дека патот кон Европската Унија води преку признавање и почитување на правата на македонските Бугари и на нашето културно-историско наследство“. рече Радев. 

Осуда за чинот упати и македонскиот претседател Стево Пендаровски и очекува надлежните институции да спроведат брза и детална истрага, преземање на сите мерки, со цел расчистување на случајот и одговорност за сторителите.

Нападот врз клубот „Цар Борис Трети“ во Охрид е чин на омраза, изјави копредседавачпот на мешовитата историска комисија Ангел Димитров утрово во Скопје.

Димитров рече дека инцидентите влијаат на билатералните односи, но не и на работата на Исторската комисија, бидејќи тие се држат до својот пристап за решавање на проблемите. 

Министерката за култура пак во студио 10 на тв 24 рече дека се сомнева оти на овие клубови културата им е суштина на постоењето. Според неа клубовите се чиста непотребна провокација.

Инаку според измените на Законот за здруженија и фондации, бугарските културни центри во земјава имаат рок од три месеци да ги променат имињата на здруженијата.