Повторно дебакл на градењето на регионална депонија
Foto

Повторно дебакл на градењето на регионална депонија

Регионалната депонија кај Мечкуевци наменета за 18-те општини од истокот и североистокот од државата ќе го почека крајот на локалните избори. Најавата беше дека до крајот на годината ќе биде распишан тендерот за изведба на депонијата и фабриката за отпад.

Но, сеуште актуелните градоначалници  не успеаја да се договорат за изборот на ве-де директор на заедничкото јавно претпријатие поради спор за тоа која општина треба да го делегира директорот: онаа на чија површина се наоѓа депонијата или онаа што произведува најмногу ѓубре. 

„Постапката за избор на раководно лице со јавното претпријатие е почната, но поради локалните избори одлуката е замрзната. Веднаш штом ќе дозволи Законот, изборот ќе биде направен“ велат од Комисијата за избор. 

Месецов треба да започне и чистењето на 70-ина диви и затворањето и култивирањето на помалите нестандардни депонии во овие 18 општини. Овој дел од проектот чини 10 милиони евра. Изведувачите се избрани пред неколку месеци. Само Пробиштип ќе го носи ѓубрето директно во Мечкуевци, за останатите ќе има претоварни станици. 

Првичните проценки беа дека депонијата со работа ќе почне во 2023-та година, но тоа веројатно нема да се случи. Проектот за  регионалната депонија за овој дел од државата е почнат уште пред 12 години.  По целосното завршување ќе чини 46 милиони евра, грант од Европската унија преку програмата за регионален развој.

0 Коментари

Остави коментари