Поврзаности и неодговорени прашања за двојното убиство?

Ова е последната снимка од велешкиот фризер Панче Жежовски. Надзорна камера на ресторан во центарот на градот го уловила како излегува од работилница за клучеви на 21 ноември, во 13:30 минути.

Следниот ден околу пладне веќе го немало дома. Иако го погребаа, членовите на неговото семејство се уште не знаат речиси ништо за неговата ликвидација, од она кога е точно грабнат и дали е убиен дома, па закопан, или е ликвидиран на местото каде што му беше пронајдено телото.

Последната објава на неговиот фејсбук профил е ден пред снимката од камерата, десеттина минути пред полноќ, на политичка тема. Многу поврзаности меѓу жртвите и осомничените го следат двојното убиство на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски. Политиката е една од нив. Осомничените за грозоморното злостроство, но и еден од убиените, фризерот Жежовски, имале исти, радикални политички погледи. Осомничените се членови во партијата на Палевски, Жежовски во онаа на Јанко Бачев.

На своите профили на социјалните мрежи осомничените секојдневно објавувале говори и настапи на својот партиски шеф и очигледно идол Љупчо Палевски - Палчо, но и содржини со теории на светски заговор против Македонија. Но, зошто го убиле Панче? Според многу криминолози, верзијата дека повод биле 500 евра долг, а причина автомобилот на фризерот, е на стаклени нозе. 

Љупчо Палевски - Палчо кој се сомничи дека ги извршил двете убиства и за кого се смета дека е мозок на целата операција, во мај годинава е фатен со уште неколкумина како бара злато. Откако ТВ24 вчера го објави местото во близина на велешкото село Рудник, каде што е фрлен и закопан Жежовски, познавачите на таа проблематика тврдат дека дупката личи на оние кои ги копаат барачите на злато. Дали ова можеби е една од причините за ликвидацијата на Жежовски? 

Вања е грабната на приземјето од зградата во која живее, а која ја градела поранешната фирма на Палевски - Упа Ентерпрајз, за чие работење, првоосомничениот за двојното убиство имаше кривични пријави во 2002 година. А причина за грабнувањето на Вања е уцена кон мајката, за пари кои ги имала, откако продала стан. Токму 2002-та е годината кога детото по мајка на Вања, тогашен директор на големо државно претпријатие, беше брутално претепан и тоа на 27 ноември - истиот ден кога Вања беше убиена. Овој инцидент доби политичка димензија и беше на големо следен од медиумите.

Последно од се е ова селфи на Палевски, направено во Велес во април годинава, а на кое во позадина наводно се гледаат поранешниот зет и внукот на Жежовски. Случајно или не – ова треба да го покаже истрагата.