Повредени во пожарот во Кочани пренесени во Штипската болница, во „8 Септември“ и на Скопските клиники, роднини се собираат пред болницата во Кочани

Повеќето од повредените  лица во пожарот во дискотеката во Кочани што се случи ноќеска се пренесени во кочанската општа болница каде се уште им се укажува медицинска помош.

Поради сериозност на повредите здобиени како резултат на пожарот и вдишување чад дел од повредените се пренесени во Клиничката болница во Штип, во Градската општа болница „8 Септември“ и на Скопските клиники.

Во Градската болница „Св. Наум Охридски“ во Скопје се хоспитализирани 27 лица со тешни изгореници, 24 на Клиничкиот центар, 18 во „8 Септември“, од кои двајца во критична состојба. Меѓу повредените во ГОБ има и малолетници. 

Пред Болницата во Кочани се наоѓаат голем број на блиски и роднини на повредените и на починатите. Општинската организација на Црвен крст прави списоци за утврдување на идентитетот на загинатите лица. 

Во првичната информација од МВР за МИА, се посочува дека најмалку 50 лица се загинати во дискотеката во Кочани во која ноќеска избувнал пожар за време на концерт на позната група.

Според информациите објавени во дел од медиумите пожарот најверојатно настанал поради употреба на пиротехнички средства.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски веќе се наоѓа на местото на несреќата и се очекуваат првите информации за трагедијата.

Кон местото на несреќата се упати и премиерот Христијан Мицкоски.

Сите надлежни служби, вклучително и јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Кочани се на терен. Бројот на жртви и повредени се утврдува. Се уште се преземаат дејствија и се врши увид.