Поврат на ДДВ
Foto

Поврат на ДДВ

Популистичка мерка или реалност. Колку навистина граѓаните можат да добијат пари од државата со проектот „Мој ДДВ“. Првичните оценки се дека кој има тој ќе троши, а кој ќе троши тој и ќе добие.

Пресметките на невладината Фајнанс тинк покажуваат дека од повратот на ДДВ ќе се офајдат само 5% од најбогатите. Само домаќинствата кои годишно трошат 1,2 милиони денари или околу 20 илјади евра, ќе можат да вратат една просечна плата. Повратот ќе биде тежок за оние кои земаат просечна плата и уште потежок за оние кои земаат минимална. Најсиромашните ќе успеат да вратат максимални 783 денари за една година, а средната класа нешто над 50 евра или 3455 денари.

Ево колку пари ќе може да врати едно лице во зависност од тоа што купува.

-Ако потроши 20 000 денари на храна и на лекови, кои се даночат со 5% ДДВ, ќе добие поврат од само 143 денари.

-Ако за три месеци направи промет од 70 000 денари за стоки кои се даночат со 18%, ќе добие поврат од 1602 денари.

Горната граница за поврат од максималните 500 евра тешко ќе биде достижна, вели даночниот експерт Павле Гацов. Но граѓаните веќе ги дале тие пари, па зошто да не искористат и државата да им врати дел.

„Да ги вратите сите 28 800 денари треба да направите промет, ако е само со 5% ДДВ над 3 милиони денари или околу 50 илјади евра што е нелогично некое семејство да ги потроши. А при тоа да ги исклучиме оние комунални трошоци или сметки над 30 000 денари. Тука ќе се во калкулација оние пониски суми. Но на крајот, вие тие пари сте ги дале зошто и државата да не ти врати дел од парите.“ - вели Павле Гацов, даночен експерт.

Сега вели Гацов постои ризик трговците да им нудат попусти на граѓаните само за да не издадат фискална сметка.

„Максиум што можете да повратите од сметката е 2,7%. Секој продавач кој не сака да биде лојален даночен обврзник може да ви даде попуст од 5% за да ве стиумлира да не барате фискална зашто привилегијата што ќе ја добиете од продавачот е поголема од она што ќе ви го врати државата. Тука државата треба да воведе дополнителни алатки кои и се на располагање.“ - вели Павле Гацов.

Премиерот Заев претходно најавуваше дека годишно со повратот на ДДВ граѓаните ќе добијат меѓу 60 и 100 милиони евра годишно. Сега таа сума ја намали на 50. Проектот почнува од 1 јули, со скенирање на баркодовите на фискалните сметки преку апликација на мобилните телефони.

0 Коментари

Остави коментари