Повисоки трошоци за студентите во реновираните домови

Поскапуваат студентските домови, се намалуваат стипендиите за студентите од социјално загрозени семејства. Законот за студентски стандард, кој по скратена постапка е во собраниска процедура, предвидува значителни промени во досегашната студентска практика. Од опозицискиот Социјалдемократски сојуз обвинија дека владејачката ВМРО-ДПМНЕ со предложените измени директно удира врз студентите.

Од ВМРО-ДПМНЕ демантираат дека има какви било кратења на стипендиите и велат дека СДСМ ја манипулира јавноста.

Од Министерството за образование и наука велат дека со измените на Законот за студентски стандард не се намалуваат стипендиите, туку се овозможува подобра распределба во рамки на квотата од 100 проценти. Според МОН, во изминатите пет години дел од социјалните стипендии останувале недоделени. Во однос на студентските домови, посочуваат дека висината на партиципацијата не е утврдена во законот, а најавена е реконструкција на сите студентски домови со подобрен комфор и енергетска ефикасност.

Министерство за образование и наука

„Да се прејудицира уште отсега дека стипендиите се намалени е манипулација, бидејќи бројките сѐ уште не се објавени. Тие не се дел од законското решение, туку се утврдуваат на годишно ниво, согласно Буџетот и потребите на државата. Истото се однесува и на сместувањето во домовите. Никаде во предлог-законот не е наведена партиципацијата што ќе ја плаќаат студентите, за да се прејудицира дека ќе биде повисока од постојната. И партиципацијата се утврдува на годишно ниво со Програмата“, велат од МОН.

Инаку, предлог-законот е поднесен во Собранието на 14 мај годинава од група пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и ќе се носи по скратена постапка. Со него се предвидува класификација на студентските домови во тип 1, кои ќе бидат енергетски ефикасни, и тип 2, кои се постоечки и не подлежеле на реконструкција.