Повисоки плати за техничкиот персонал во здравството, но не и за здравствената администрација

Здравствените власти ќе ги покачат платите на помошно-техничкиот персонал во здравството. Болничарите возачите во здравствените установи од фебруари ќе добијат за 5отсто повисоки плати. Со тоа само административците во здравството останаа без покачување на платите. 

Синдикатите побараа здравствената да се изземе од останатата јавна администрација за и тие да добијат повисоки плати. 

„Она што би го истакнал е дека 2020 година е борба за нас да го иземеме нашиот административен персонал од останатиот административен персонал, и согласно тоа во рамките на нашиот колективен договор ги покачуваме и за нив платите. Би истакнам дека сме многу задоволни што успеавме за помошно техничкиот персонал  да ги покачиме платите“ - вели д-р Горан Беговиќ – претседател на Самостоен синдикат на Клинички центар. 

„Потпишувањето на анексот на колективниот договор во делот на покачувањето на платите на здравствената дејност, конктретно на здравствените работници, медицинските соработници и помош на техничкиот персонал, е во насока на една потврда, на еден добровоспоставен социјален дијалог на Министерството за здравство, а воедно и една потврда на активностите на владата, во насока на давање на еден одреден приотитет на здравството во делот на јавниот сектор“ - рече д-р Љубиша Каранфиловски – претседател на Самостоен синдикат за здравство фармација и социјална заштита.

Но и покрај покачувањата на платите лани, одливот на лекари и медицински сестри од земјава продолжи. Во 2019-та над 150 доктои се иселиле од земјава, а ништо подобри не се ниту бројките на медицинските сестри кои заминуваат. Според анализите на здравствните власти, најмногу недостастуваат анестезиолози, во многу установи има недостаток и од кардиолози, како и уролози. Засега докторите ротираат и работат во повеќе болници истовремено. Министерот Филипче на долг план планира отворање на регионални здравствени центри. 

„Следниот чекор што не може да се случи преку ноќ е регионализација, затоа што невозможно е  да имаме секаква експертиза во секое место, заради тоа што тоа бара фреквенција на пациенти, експертиза не се стекнува преку ноќ и само со такви центри во кои што има експертиза од одредено место ние може да ја организираме таа реагионализација. На пример ќе го споменам Центарот за интервентна кардиологија во Охрид каде што се третираат сите пациенти од југозападниот дел на земјава. Нема да може да се очекува и не е реално да се очекува дека ќе има експертиза од било која област на секаде. Така функционираат сите центри или по системот на ротација и нормално со постепена едукација на младите лекари“ - рече Венко Филипче – министер за здравство.

Проблем се и бројните започнати а недовршени проекти во здравството. Болницата во Штип наместо да биде веќе готова сега ќе чини 7 милиони евра повеќе, бидејќи не била предвидена електриката. Болницата почна да се гради пред 5 години и уште нема абер да биде завршена. Исто е и со новиот клинички центар кој се најавува 10 години наназад. Според последните најави на власта камен темелникот треба да биде удрен на почетокот на годинава, а објектот треба да биде готов за седум години.