Повеќе транспарентност или нов ризик за корупција?
Ќе се менува моделот по кој државата ќе им обезбедува клими на ранливите категории. Наместо по принципот „прв дојден-прв услужен“, клима уредите ќе се набавуваат преку јавна и транспарентна тендерска постапка и ќе се делат според месечните приходи на домаќинствата, од најниските до највисоките, тврди власта.
Владата објави дека обезбедила 2,7 милиони евра за оваа намена, кои ќе ги добијат една до две компании кои продаваат клими. Извори за ТВ24 тврдат дека Владата ќе ги купи клима уредите од фирма која самата ќе си ја одбере и потоа ќе им ги дели на семејствата со ниски приходи. Ова раѓа сомнеж за корупција, велат нашите извори. Од Министерството за енергетика експресно го демантираат ова. Оттаму потврдуваат дека со новиот модел граѓаните нема да трчаат од продавница до продавница за да набават уред, оти во минатото ова создавало хаос.
- Претходниот модел на набавка на клима-уреди создаваше дополнителни обврски за граѓаните, без да обезбеди доволна ефикасност во процесот. За да се поедностави постапката и да се овозможи побрзо обезбедување на уредите, Министерството ќе распише тендер, на кој ќе избере еден до двајца економски оператори. Тие ќе треба да ги исполнат сите предвидени услови и да го обезбедат целосно потребниот број клима-уреди за граѓаните. Со новиот модел, граѓаните нема да мора самостојно да набавуваат клима-уреди. Уредот ќе им биде доставен и монтиран директно во нивниот дом.
Министерството за енергетика веќе го објави огласот за набавка на ивертер клими на својата веб страница. Власта уверува дека со оваа мерка се интервенира и во делот на заштитата на животната средина, со намалување на загадувањето, посебно во периодот на грејната сезона кога граѓаните ги затоплуваат своите домови.
Ранливите категории на семејства досега често во зима се грееја со она што го имаа, а то абеа и отровни предмети, како автомобилски гуми. Освен субвенциите за инвертер клими, со новиот закон за енергетика Владата е должна да обезбеди и финансиска поддршка за потрошена струја за ранливите категории.

