Повеќе сали за помалку чекање: Финишира реконструкцијата на болницата „Св. Еразмо“ во Охрид
Новото крило на Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“ во Охрид, чија изградба практично беше замрзната од 2017 година, сега влегува во нова фаза со ветување дека работите ќе завршат до крајот на годината.Според надлежните, затворена е финансиската конструкција тешка над два милиона евра – средства обезбедени од Фондот за здравство, сопствениот буџет на установата и донации, а избран е и нов добавувач.Амбициите на хартија се големи,болницата треба да скокне од сегашните нецели две, на вкупно четири современи операциони сали.Тоа значително ќе ги олесни и подобри условите за пациентите но и лекарите.
Но, она што останува отворено прашање во јавноста и стручните кругови е дали објектот ќе биде следен и од соодветен број медицински персонал. Најголем недостиг се чувствува кај медицинските сестри и инструментарките, особено со зголемениот обем на работа за време на туристичката сезона и зголемениот број интервенции и сообраќајни незгоди.Проблемот се продлабочува со заминувањето на искусниот кадар во пензија, иако раководството од установата и Министерството за здравство најавуваат долгорочни решенија и заменување на кадарот.
Специјализираната болница „Св. Еразмо“ со децении освен пациенти од Охрид и Струга – за специфични ортопедски, трауматолошки и неврохируршки зафати опфаќа и пациенти од сите градови во државава, но и од соседните држави како Албанија. Годишно низ амбулантите и операционите сали поминуваат десетици илјади пациенти, што го прави ова проширување клучно прашање за целокупниот здравствен систем.

