Повеќе од десетина амандмани на ребалансот на Буџетот разгледани на седницата на Комисијата за финансирање и буџет
Повеќе од десетина амандмани на Предлог-ребалансот на Буџетот поднесени од Левица, ДУИ, СДСМ се разгледани попладнево на седницата на собраниската Комисија за финансирање и буџет и не се прифатени од заменик-министерот за финансии Николче Јанкуловски.
Со амандманите се бара: одвојување буџет за реализација на проектот хидроелектрана Чебрен, средства за уредување на коритото на реките Радика и Црн Дрим и критичките порои во Дебарскиот регион, средства за изградба на систем за собирање, прочистување и испуштање отпадни води во село Бањица во општина Чашка.
Дел од поднесувачите на амандманите побараа средства за реализација на проект за собирање, одведување и прочистување отпадни води во селата Горно Јаболчиште, Долно Јаболчиште и Дреново во општина Чашка, како и средства за решавање на проблемот со депониите во Кратово и во Штип.
Претседателката на Комисијата, Сања Лукаревска објави пауза до 15 часот по што Комисијата ќе ја продолжи седницата на која се разгледуваат амандмани.

