Повеќе од 100 мртви во епидемијата на ебола во Конго

Епидемијата на ебола во Демократска Република Конго уби најмалку 100 луѓе и зарази повеќе од 390, изјави за Би-Би-Си раководителот на Африканските центри за контрола и превенција на болести. Светската здравствена организација (СЗО) ја прогласи епидемијата за меѓународна вонредна состојба за јавното здравје, а американските медиуми известуваат дека најмалку шест американски државјани биле изложени на вирусот, објавува Би-Би-Си.

Според извори на американската телевизиска станица CBS News, најмалку шест Американци биле изложени на вирусот ебола. Се верува дека еден од нив покажува симптоми, додека тројца имале контакти со лица со висок ризик. Сè уште не е познато дали некој од нив е заразен. Американските центри за контрола и превенција на болести (CDC) потврдија дека помагаат во „безбедна евакуација на мал број директно погодени американски државјани“, но не го прецизираа точниот број.

Според здравствениот портал STAT, американската влада организира транспорт на мала група Американци на безбедна локација за карантин, при што американската воена база во Германија е спомената како можна дестинација, иако оваа информација не е официјално потврдена.