Повеќе од 1.000 студенти останаа без субвенциониран студентски оброк

Иако се редовни студенти и ги исполнуваат условите за користење на студентски оброк, околу 1.000 студенти, поради административни пропусти, го изгубиле правото на овој надоместок.

Во изјава за Телевизија 24, од студентската организација „Студентарија“ велат дека до нив пристигнале бројни пријави од студенти на кои Министерството за образование им го укинало неделниот надомест од 840 денари. Проблемот, како што посочуваат од организацијата, потекнува од универзитетите кои не доставиле ажурирани листи на редовни студенти до Министерството за образование.

Според анкетите и анализите спроведени од „Студентарија“, студентите се соочуваат со овој проблем уште од почетокот на академската година. Оттаму информираат дека досега на студентите им се ускратени околу седум милиони денари, средства кои требало да бидат исплатени врз основа на правото на студентски оброк.

Од министерството за образование децидни, факултетите треба навремено да ги достават ажурираните листи на редовни студенти до министерството, бидејќи како што велат оттаму тие само ги верификуваат податоците кои ги добиваат од универзитетите и ги одобруваат апликациите.

 

Телевизија 24 побара став и од Универзитетското студентско собрание, но оттаму до објавување на овој прилог не добивме одговор на прашањата од највисокото студентско тело.