Повеќе негативни отколку позитивни резултати за македонската економија

Во заклучоците на Меѓународниот монетарен фонд за македонската економија преовладуваат повеќе негативни отколку позитивни резултати. Институтот за економаки анализи Finance Think вели дека ММФ предупредува на дополнителни зголемувања на пензиите и платите во јавниот сектор, и на тоа мора сериозно да се размисли.

Постои опасност проекциите за приходите  да не се реализираат, што би довело до поголем буџетски дефицит. Експертите го потенцираат и алармот на ММФ кои веќе забележуваат дека јавниот долг го има  надминато психолошкото ниво од 60% од БДП, и сега потребна е кредибилна фискална стратегија. 

„ММФ зазема јасна позиција во поглед на понатамошното зголемување на пензиите, платите плата. Поради структурните ризици предизвикани од надворешни фактори и намалувањето на населението поради емиграцијата, проценката е дека потенцијалниот раст на економијата се намалил на 3 проценти. ММФ нагласува дека неопходно е Фискалната стратегија да се подигне на ниво на кредибилен документ кој ќе обезбеди  усогласеност со фискалните правила.“ - Finace Think.

Од министерството за финансии пак сметаат дека ММФ ги нотира целите на Владата за намалување на дефицитот, за зголемување на продуктивноста, за зголемување на животниот стандард и намалување на неформалноста.

„За ММФ за зголемување на продуктивноста и надоместување на трошоците на иселувањето се структурни реформи насочени кон подобрување на деловното опкружување, зајакнување на пазарот на трудот, зголемување на инвестициите во јавната инфраструктура, зајакнување на владеењето на правото и напори за спречување на корупција, како и подобрување на управувањето.“ - Министерство за финансии.

Претставниците на ММФ под лупа ги ставија и мерките кои ги воведуваше Народната банка за одржување на макроекономската стабилност. Од Централната банка велат дека монетарците искажале поддршка за политиките на Народната банка за предизвиците во економското опкружување.

„Фондот заклучува дека солидниот раст на девизните резерви во 2024 година ја зајакна стабилноста на девизниот пазар, додека макро и микропрудентните мерки преземени од Народната банка придонесоа за натамошно јакнење на отпорноста на финансискиот систем. Во актуелниот економски контекст, ММФ нагласува дека е важно Народната банка, како и досега, да продолжи со внимателното следење на движењата на инфлацијата и финансиските текови и да ги формулира политиките соодветно на тоа, заради одржување на макроекономската стабилност. - Народна Банка.

Експертите заклучуваат дека во периодот што следи властите треба да бидат внимателни со следните потези во однос на буџетските трошоци за социјални трансфери и капитални инвестиции.