Повеќе часови со евтина струја, сезонски тарифи и пониски сметки за домаќинствата – Регулаторна ќе го менува тарифникот

Евтината струја би можела да биде достапна во многу повеќе часови отколку денес, ако Регулаторната комисија го усвои новиот Тарифен систем. Здружението на инженери на Макеоднија потсетува дека уште во февруари предложиле периодите на евтина тарифа да се усогласат со реалните движења на берзите, каде во одредени часови од денот цената на електричната енергија е значително пониска. Велат дека последните изјави на претседателот на Регулаторната комисија Ацо Ристов покажуваат дека и самата институција сега ја признава истата состојба.

Во летната сезона домаќинствата би имале на располагање вкупно 115 часа евтина струја неделно, од кои 75 часа во работните денови (од 23:00 до 07:00 и од 09:00 до 18:00 часот) и 40 часа за време на викендите (од 22:00 до 19:00 часот), со можност за воведување на дополнителен период „блок 2“ со дупло поевтина струја од 09:00 до 18:00 часот во викендите, што претставува 16 часа неделно дупло поевтина струја. Во зимската сезона, пак, би биле обезбедени 101 час евтина струја неделно, од кои 65 часа во работните денови (од 22:00 до 07:00 и од 10:00 до 16:00 часот) и 36 часа во викендите (од 21:00 до 16:00 часот).

Ако, како што деновиве соопшти првиот човек на Регулаторната комисија Ацо Ристов, од 11 до 15 часот има вишоци на електрична енергија и ниски берзански цени, а истото важи и за викендите, тогаш, според инќенерите, нема причина новиот тарифен систем и понатаму да чека. Потсетуваат дека законскиот рок за негово донесување е пробиен веќе четири месеци и отвораат прашање дали зад одложувањето стои обврската да се намали цената на струјата.

- Ако РКЕ признава дека реалноста е таква тогаш веднаш нека се донесе новиот Тарифен систем бидејќи и онака веќе четири месеци е пробиен рокот за негово донесување. Дали причината за недонесувањето е тоа што РКЕ и ЕВН Хоум треба веднаш да ја активираат постапката од член 15 и веднаш да пристапат кон намалување на цената на електричната енергија?

Предлогот повторно ја отвора дебатата за тоа кога граѓаните ќе ги почувствуваат придобивките од пониските берзански цени. Само пред два дена Регулаторната комисија најави дека размислува за сезонско тарифирање и за проширување на евтината тарифа во периодите кога има вишоци на електрична енергија, со цел да се намалат сметките. А вчерашната Анкета за потрошувачката на енергија во домаќинствата на Државниот завод за статистика покажа дека дури 62 проценти од вкупната потрошувачка на енергија оди за загревање на домовите, што значи дека секое намалување на цената на струјата би можело директно да влијае врз семејните буџети.