ПОТВРДЕН ПРВ СЛУЧАЈ НА КОРОНАВИРУС ВО ЗЕМЈАВА
Foto

ПОТВРДЕН ПРВ СЛУЧАЈ НА КОРОНАВИРУС ВО ЗЕМЈАВА

Педесет годишна жена од Скопје е првиот потврден случај на корона вируост во Македонија. Жената престојувала еден месец во Италија, вчера се вратила и утринава била хоспитализирана на клиниката за инфективни болести.

Жената била болна две недели пред да дојде во Македонија и била лечена и во Италија, но таму не била тестирана за корона.  Во моментов е изолирана на инфективната клиник, свесна е и дише самостојно. Здравствените власти велат дека инкубацијата е помината и во моментот на транспорт веројатно таа не е претставувала опасност за да ја пренесе болеста.

„Нема простор за паника, пациентката е сместена на Инфективната клиника во Одделот за изолација, соодветно се третира нејзината состојба. Инкубацијата е помината и во моментот на транспорт веројатно таа не претставувала опасност за да ја пренесе болеста.“ - изјави – Венко Филипче – Министер за здравство.

Владата апелира до институциите и компаниите сите вработени кои што патувале во Италија периодов да не ги примаат на работа туку да останат во 14 дневна изолација, со цел да се спречи ширење на заразата.  Премиерот Спасовски смирува дека засега нема простор за паника и дека државата е подготвена да реагира и во ваква ситуација.

„Ситуацијата е под контрола, а сите државни служби се подготвени да реагираат. Нема простор за паника.“ - изјави Оливер Спасовски – Премиер на РСМ.

Епидемиолозите смируваат дека нема ризик за населението а дека медицинските служби се подготвени да одговорат на потребите.

„Екипата од наша страна се задржа два часа и беше со комплетна заштитна опрема, потоа влегуваа од посебен влез на Инфективната клиника. Лицето било спроведено согласно сите протоколи. Во моментов е на интензивна нега и под будно следење од докторите. Тоа значи дека е изолирана од останатите болни. Свесна и дише самостојно. Лицата се дојдени со возило преку Табановце, а потоа со друго возило директно до клиниката.“  вели д-р Жарко Караџовски – епидемиолог.

Од владата велат дека остануваат истите мерки за контрола на граничните премини и барем засега не се размислува за целосна изолација на сите кои биле на патување во ризичните подрачја или пак за одложување на јавни манифестации.

Македонија е трета земја на Балканот во кој има потврден случај на коронавирус. Вчера првиот случај беше регистриран во Хрватска, а денеска за потврден случај во Солун извести и Грција. И во трите балкански земји пациентите биле во Италија, која има најголем број заболени во Европа.

0 Коментари

Остави коментари