Потрошувачката на кеси намалена за 10 пати

Надмудрување за пластичните ќеси - министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини бара и ќесите без рачки да се наплаќаат по 15 денари.

Образложува дека имало малверзации, па затоа бара построга законска одредба, но и засилени контроли од страна на Пазарниот инспекторат.

Нуредини посочува и дека ќесите кои се потенки од 15 микрони, а кои се за хигиенска употреба, може да се користат и за пакување месо и истите не мора да се наплаќаат. Во Министерството за животна средина имаат идеја собраните 240 илјади евра од продажба на биоразградливи кеси да се искористат за набавка на контејнери за селектирање на отпад.

Дел од граѓаните кои ги анкетиравме сметаат дека не треба да се наплаќаат пластичните ќеси без рачки, бидејќи тоа е нов удар по џебот на граѓаните.

Наплаќањето на пластични ќеси по 15 денари почна од 1 декември. Против оваа мерка беа мнозинството од граѓаните, бидејќи истите претходно ги плаќаа по еден или два денари во дел од макертите, додека пак во дел не се наплаќаа воопшто.

Од министерството посочуваа дека оваа законска одредба стапува на сила бидејќи маркетите задолжително воведоа биоразградливи ќеси. На ова се противеа и производителите, од каде посочуваа и дека ќе има отпуштања на вработени поради намалената побарувачка и воведувањето на нови машини за овој тип на ќеси.