Потпишување на пет договори за регионална соработка во рамки на „Отворен Балкан“
Foto

Потпишување на пет договори за регионална соработка во рамки на „Отворен Балкан“

Премиерот Зоран Заев заедно со српскиот претседател Александар Вучиќ и со албанскиот премиер Еди Рама денеска во Тирана го започнуваат официјалниот дел од Самитот на иницијативата „Отворен Балкан“.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, најавено е потпишување на повеќе трилатерални и билатерални договори за регионална соработка, чиј резултат меѓу другото треба да биде заеднички пазар на труд на Северна Македонија, Србија и Албанија, кој треба да започне на почетокот на идната година.

Во пресрет на самитот во Тирана, Вучиќ, Рама и Заев во отворено писмо ги повикаа останатите држави од регионот да се приклучат кон иницијативата, нагласувајќи дека тоа не е утешна награда наместо членство во ЕУ, туку голем чекор кон тоа.

Тројцата лидери во авторска статија за германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ (ФАЗ), ја повикаа новата германска влада и ЕУ да ја поддржи иницијативата „Отворен Балкан“.

-Се надеваме дека новата влада во Германија ќе ја прифати и поддржи иницијативата Отворен Балкан како придонес за целосно спроведување на Берлинскиот процес, изјавија тројцата лидери.

Во македонската делегација, што ја предводи Заев, се замениците министри за финансии и за земјоделство, лидерот на СДСМ Димитар Ковачевски и голем број стопанственици.

Премиерот Заев по синоќешната вечера во Елбасан во објава на Фејсбук информира дека ќе се потпишат повеќе договори за реалните придобивки и добробит на народите.

-Од првата средба во Скопје во јули до првото потпишување на договорите коешто ќе се случи во Тирана, покажавме дека силната политичка волја може да се трансформира во брзо функционирање на нашите институции. Со тоа, го потврдуваме нашиот капацитет како земји за спроведување брзи, ефикасни и напредни реформи и политики за регионална соработка, истакна Заев.

Според лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски, оваа иницијатива е многу значајна за регионалниот развој на економијата и олеснување на движењето на луѓето, услугите и стоките во регионот.

Заев, Рама и Вучиќ ќе потпишат заеднички договор за услови за слободен пристап на пазарот на труд во Западен Балкан, како и договор за поврзување на шемите за електронска идентификација на граѓаните од Западен Балкан.

Потоа, министрите за земјоделство на Албанија и на Србија, Фрида Крифца, Бранислав Недимовиќ и заменик министерот Трајан Димковски ќе го потпишат Договорот за соработка во областа на ветеринарството, фитосанитарната и безбедноста на храната и животните.

Исто така, се планира потпишување на Договорот меѓу Владата на Северна Македонија и Советот на министри на Албанија за взаемно признавање на одобрените овластени деловни субјекти за сигурност и безбедност (АEOС), како и на Договорот меѓу Владата на Србија и Советот на министри на Албанија за заемно признавање на одобрените овластеи деловни субјекти (АЕОС).

Според официјалната агенда, денеска во 9 часот делегациите треба да прстигнат во Палатата на бригадите во Тирана, по што во 9:05 ќе има средба Рама-Заев-Вучиќ. Во 9:30 почнува состанокот на кој прв ќе се обрати домаќинот Рама, а потоа и Вучиќ и Заев, како и комесарот за проширување и добрососедска политика, Оливер Вархеји, генералниот секретар на Советот за регионална соработка, Мајлинда Брегу, директорот на Секретаријатот на ЦЕФТА, Емир Џикиќ и директорот на Транспортната заедница, Матеј Закоњшек. По потпишувањето на договорите во 13 часот е најавена заедничка прес конференција.

На претходните состаноци на „Отворен Балкан“ во Скопје во јули годинава и во ноември во Белград, беше објавено дека целта е од јануари 2023 година да се укинат границите за трите земји кога станува збор за слободно движење на луѓе, стоки, капитал и услуги, како и од 2022 година да стапи на сила единствената работна дозвола.

На средбата во Скопје, кога неформалното име „Мал Шенген“ беше сменето во „Отворен Балкан“, беа потпишани три документи: Договор за соработка во заштитата од катастрофи на Западен Балкан, Меморандум за разбирање за соработка во олеснување на увозот, извозот и движењето на стоки на ЗБ и Меморандум за разбирање за слободен пристап до пазарот на трудот на Западен Балкан.

0 Коментари

Остави коментари