Потпишан договорот за излез на Велика Британија од ЕУ
Foto

Потпишан договорот за излез на Велика Британија од ЕУ

Договорот за излез на Велика Британија од ЕУ денеска го потпишаа претседателите на Европската комисија и на Европскиот Совет, Урсула Фон Дер Лајен и Шарл Мишел. Со тоа тој може да оди на ратификација во Европскиот парламент. На медиумите им било забрането да присуствуваат на, како што се вели, малиот, но значаен чекор со кој прв пат се потврдува излегување на некоја земја од ЕУ.

„Со Шарл Мишел го потпишавме договорот за излегување на Велика Британија со што се отвора патот за негова ратификација во Европскиот парламент“, напиша на Твитер Фон Дер Лајен.

Текстот веднаш ќе биде поднесен до Европарламентот за да се ратификува на 29 јануари. Ден потоа, на 30 јануари, дипломати на земјите членки на ЕУ писмено ќе го одобрат договорот, со што се отвора патот Британија организирано да излезе од Унијата на 31 јануари на полноќ.

„Работите неизбежно ќе се променат, но нашето пријателство ќе остане. Почнуваме ново поглавје како партнери и сојузници“, напиша Мишел на Твитер.

На потпишувањето присуствуваше и преговарачот на ЕУ за Брегзит, французинот Мишел Барние. Договорот потоа треба да биде испратен во Лондон каде што ќе го потпише британскиот премиер Борис Џонсон. Британската кралица Елизабета Втора вчера даде кралско одобрување на текстот со кој се регулира излегувањето на Лондон по 47 години од ЕУ.

Текстот беше конечно усвоен во средата вечер во Британскиот парламент. Од 31 јануари, кога е официјалното излегување на Британија, почнува периодот на транзиција кој ќе трае до крајот на годинава. Лондон во тој периот ќе продолжи да ги применува правилата на ЕУ, но нема да учествува во донесувањето одлуки. Со тоа се избегнува брз прекин на врските. Во преодниот период двете страни треба да се договорат за идните односи, особено за трговскиот договор, иако за многумина тоа е премногу кратко време за да се завршат такви преговори.

0 Коментари

Остави коментари