Потпишан договорот за изградба на паркинзи во комплексот клиники „Мајка Тереза“

Град Скопје и Министерството за здравство потпишаа договор за почеток на изградбата на гаражи во скопскиот клинички центар. Деценискиот хаос со паркингот во најголемиот комплекс клиники според властите ќе се реши до втората половина на наредната година.

Иако првичните најави беа дека ќе се градат три гаражи со кои ќе се обезбедат околу 1 500 паркинг места, сега во првата фаза ќе се градат само две гаражи со што ќе се добијат најмалку 500 нови паркинг места. Понатаму доколку се увиди потреба ќе се гради и трета гаража. 

Градот Скопје ќе одвои три милиони евра за изградба на монтажни гаражи. По ребалансот на буџетот кој треба да се случи следната недела, ќе започне и тендерската постапка. 

Двата монтажни паркинга ќе се градат кај Клиниката за гинекологија и кај хелиодромот. 

На местото каде што беше срушена модуларната болница до Инфективната клиника во оваа фаза нема да се гради гаража, како што беше планирано, но градските власти велат дека просторот ќе се уреди и ќе остане како опција за монтажна гаража во иднина. 

Министерот за здравство вели дека се одлучиле наместо приватен, инвеститор да биде градот Скопје со што ќе се оневозможи поскапување и остварување профит.