Потпишан Договор за стратешко партнерство со Обединетото Кралство
Договорот за стратешко партнерство меѓу владите на Република Македонија и Обединетото Кралство, со кој нашата држава добива на располагање историски најголем износ на средства од пет милијарди фунти за остварување на капитални проекти, ќе биде заверен денес во Лондон.
Спогодбата ќе ја потпишат заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски и британскиот министер за економија и извоз Герет Томас.
Договорот што ќе биде потпишан денес, претходно оваа недела беше одобрен од македонската Влада, откако премиерот Христијан Мицкоски и неговиот британски колега Кир Стармер постигнаа согласност за стратешко партнерство на средбата одржана во рамки на Самитот на Европската политичка заедница во Тирана.
Договорот за стратешко партнерство меѓу двете држави, кој се оценува како значаен, е исход на повеќемесечни интензивни преговори меѓу дипломатски и експертски тимови од двете страни и претставува потврда за конкретна и долгорочна определба за зацврстување на билатералните врски и економската соработка со Обединетото Кралство.