Постизборни поместувања и заострена реторика
Откако Изет Меџити ја доби титулата градоначалник на општина Чаир, Беким Сали ќе биде негов наследник на позицијата прв вицепремиер, а за министер за животна средина и просторно планирање ќе биде назначен друг и за тоа допрва ќе се одлучува, најавија од ВРЕДИ.
Дритон Сулејмани-портпарол на ВРЕДИ
„Како што најави господинот Меџити, негов наследник ќе биде Беким Сали на позицијата која досега ја имаше Изет Меџити и тој ќе биде претставник на ВЛЕН.“
Новоизбраниот градоначалник на Чаир пак, Меџити, по преземањето на функцијата посочи довербата од граѓаните ќе ја оправда преку чесна работа и конкретни резултати.
Изет Меџити-ВРЕДИ
„Пред нас стои ново поглавје. Ќе работиме со јасен план, со транспарентност и со храброст за да направиме големи промени. Од денес започнува работата за општина Чаир што ја сакаме, од денес започнува нашето време.“
Додека има промена на поцициите кај ВРЕДИ, во ДУИ пак, Блерим Беџети се повлекува од координатор на ПГ, потврдува за ТВ 24, а негова наследничка е пратеничката Рина Ајдари. Освен Беџети се повлекува и заменичката координаторка Арбана Пашоли.
Блерим Беџети-ДУИ
„Се повлеков од принципиелни причини, верувајќи дека е време помладите, но веќе искусни пратеници/пратенички да преземат поголема улога во работата и активностите на пратеничката група.“
А по изборниот процес на теренот тензија помеѓу портпаролот на ЗНАМ, Никола Мемов и ВРЕДИ-по објавата на Мемов на социјалните мрежи во која наведе дека Орце Ѓорѓиевски од ВМРО ДПМНЕ не добил поддршка од ВРЕДИ.
Никола Мемов-портпарол на ЗНАМ
„Вчерашната објава на мојот фејсбук профил во однос на поддршката помеѓу партнерите во владата на локалните избори е мој личен став и не изразува став на Движењето ЗНАМ за Наша Македонија. Гледам дека оваа моја лична објава предизвика внимание, но и негативни реакции. Победата на овие локални избори што ја остварија ВМРО- ДПМНЕ, ЗНАМ и ВРЕДИ е резултат на нашата взаемна поддршка во сите општини во Македонија.“
Од Вреди пак на ова денеска возвратија дека се втора политичка сила во државата и како таква веруваат дека нема потреба да ја спуштаат дискусијата на такво ниво. Портпаролот на ВРЕДИ изјави дека ова е обид на портпаролот на ЗНАМ да привлече внимание по изборите и не треба да се сфати сериозно.

