Постигнат договор за владина коалиција, ќе ја сочинуваат СДСМ, ДУИ, партиите од коалицијата „Можеме“ и ДПА
Foto

Постигнат договор за владина коалиција, ќе ја сочинуваат СДСМ, ДУИ, партиите од коалицијата „Можеме“ и ДПА

Лидерите на СДСМ, Зоран Заев и на ДУИ, Али Ахмети објавија дека постигнале договор за владина коалиција, од која дел ќе бидат и партиите од коалицијата „Можеме“ која ја предводи СДСМ и ДПА на Мендух Тачи.

Заев вчера по средбата со лидерот на ДУИ Ахмети изјави дека ја прецизирале и потврдиле рамката за идната соработка меѓу владината коалиција.

-Меѓу СДСМ и коалицијата „Можеме“ и ДУИ постигнат е коалициски договор за создавање парламентарно мнозинство, за распределба на одговорности, состав и принципите на новата влада со полн мандат која во следните четири години ќе работи посветено на интересите на граѓаните и на државата, рече Заев, кој посочи дека ќе ја предводи владата во следните четири години.

Нивниот договор треба да го потврдат највисоките тела на партиите. СДСМ, додаде Заев, договорот ќе го презентира и пред партиите дел од коалицијата „Можеме“, како и пред ДПА, како иден владин партнер.

Лидерот на СДСМ рече дека особено им било важно постигнување на брз договор за владина коалиција поради потребата за брзо ставање во целосна функција на клучните институции во државата, а со цел справување со здравствените и со сите други предизвици поврзани со Ковид-19.

Првиот човек на ДУИ, Али Ахмети рече дека е многу убеден дека оваа коалиција, ова партнерство за уште четири години ќе биде најуспешното.

– Идејата беше за доближување, порака за преземање одговорност од Албанците за заедничка држава. Мора да му признаам на Заев за храброста и поздравувам дека ќе има Албанец премиер во последните 100 дена од оваа Влада, рече меѓу другото Ахмети, додавајќи оти идејата била да се доближат граѓаните и заедниците, а не да се раздвојат.

На следната влада и на коалицијата Ахмети и посака многу успех и успешна работа, додавајќи дека се што претходно изјави Заев, тоа е договорено.

Ахмети изрази увереност дека одлуката ќе биде поздравена од сите граѓани на нашата држава, но и од нашите партнери од меѓунардоната заедница кои ни помогнаа на патот кон НАТО и ЕУ.

Двајцата лидери потврдија дека ДУИ ќе предложи премиер на сто дена пред завршување на мандатот на оваа Влада. Дел од нивниот договор е укинување на техничка влада и премиер за што поддршка дава и најголемата опозициска партија ВМРО – ДПМНЕ.

– Техничка влада се укинува, технички премиер се укинува, а на сто дена пред истекот на мандатот на владата коалиционите партнери СДСМ и ДУИ, на предлог на ДУИ, ќе го постават премиерот. Тој ќе ја води владата во последните 100 дена од редовниот мандат, рече Заев.

Ова, како што кажа, ќе го елаборира пред највисокиот партиски органи. За него ова е градење доверба и партнерство.

-Верувам дека тоа го јакне партнерството, а тоа ќе ги осигура граѓаните. На крајот имала РСМ министер за надворешни работи Албанец, министер за одбрана, председател на Собрание,…, државата продолжува да биде сигурна, безбедна, напредна, успешна… Мене ми е голема чест што успеавме да постигнеме коалициски  договор во којшто ја добивам токму јас честа да бидам претседател на идната македонска влада во полн четиригодишен  мандат, потенцираше Заев.

Ахмети изјави дека идејата била да се доближат граѓани и заедниците, а не да се раздвојат.

-Морам да му признаам на Заев за храброста и да поздравам дека ќе има Албанец премиер во последните сто дена од оваа влада. Многу значајни, битни и храбри работи направивме. Ова се години на храбри одлуки кои ги носат само храбри луѓе, истакна Ахмети.

Беса и ДПА, партии на Албаните што ќе бидат дел од владината коалиција, веќе биле консултирани за овој предлог и тие го поддржуваат. 

Талат Џафери од ДУИ оставува претседател на Собранието и во наредниот период.

– Ние договоривме претседател на Собранието да остане Талат Џафери, рече Заев, по лидерската средба.

Заев ги соопшти принципите на новата Влада 

Заев претстави дел од принципите на новата Влада, која ќе ја предводи тој во полн четиригодишен мандат.

Квалитетни, одговорни и отчети кадри ќе бидат предложени од двете страни. Заев вели тоа се кадри кои се подготвени да ги спроведат во целост програмските определби и принципи на коалицискиот договор.

– Кадровската понуда ќе се води од принципите за еднакво општество за сите, како и од силната волја за рамноправно учество на мажите и жените во извршната власт. Во владата нема да се предлагаат министри без ресор со исклучок на вицепремиерските места, рече Заев.

Најави јакнење на стандардот на граѓаните, и врвна желба, како што кажа, платите да продолжат да растат, да се продолжи со странски инвестиции во државата.

– Согласни сме на неселективна и длабинска борба со криминалот и корупцијата на сите нивоа без разлика дали некој доаѓа од партија или од општина, од институција, дали е експерт, функционер познат или непознат, истакна мандатарот Заев.

Како што кажа, тој и Ахмети се согласиле да се спроведе прочистување на правосудството и проверка на потеклото пари и капитал кај секој функционер по пат на систем што заеднички ќе биде договорен. Исто така најавува зголемување на отчетноста на сите институции, но и намалување на привилегиите на функционерите.

Постои коалициска согласност, рече Заев, за заштитата на животната  средина, воздухот, почвите и водите да бидат еден од врвните приоритети од владината програма и истата  да се реализира преку мобилизација на сите државни институиции, службеници, студенти и ученици, сите граѓани и сите заедници. Исто така ќе работат и на зајакнување на инспекциските служби и повисоки казни за загадувачите.

-Заеднички сметаме дека борбата со коронавирусот треба да остане врвен приоритет на јавното здравство преку темелен и транспарентен пристап на проценка и оправување на здравствените капацитети и заштита на граѓаните, рече Заев.

СДСМ и ДУИ, како што кажа, се согласила приоритетно да ги спроведуваат сите реформи во однос на нашето членство во ЕУ.

-Ќе се укине пржинската влада преку измени во Законот за влада. Ќе се работи на промена и унапредување на изборниот модел веќе за следните локални избори. Ќе се работи на моделите за намалување  на обемот на администрацијата за 20 проценти преку спојување на функциите и надлежностите на институциите, а со цел  граѓаните да добијат поквлаитетни, подобри и побрзи услуги. Во првите шест месеци ќе се распоредат и ќе тргнат на работа сите вработени по Рамковен договор кои останаа нераспоредени во државните институции, а институциите ќе ги одобрат барањата на вработените за признавање на образованието согласно последните промени во Законот за вработени во јавната администрација и јавниот сектор којшто Парламентот во претходниот состав веќе ги донесе, рече мандатарот.

Во Собранието, најави Заев, законите ќе се поднесуваат заеднички  после претходна координација  и усогласување при што најмалку еднаш на две недели ќе биде утврден ден за гласање на закон со цел побрзо спроведување на реформите во легислативата, но и рационализација во работењето на Парламентот и на пратениците.

-Овие принцип ќе ги преточиме во заедничка владина програма која во целост ќе го следи патот кој го исцртавме со члнеството во НАТО, а тоа е патот определен низ договорот од Преспа со Грција, Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија и Охридскиот договор. Тоа е европскиот пат, патот на економијата, правдата и еднаквоста, истакна Заев на прес-конференцијата по средбата со Али Ахмети на кое беше објавено постигнувањето договор за владина коалиција.

Реакции на партиите од новиот опозициски блок 

За коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива ова ќе биде нелегитимна влада и оти станува збор за измама.

-Како прво, е измамничка, затоа што и двете страни сериозно ги измамиле граѓаните и второ, е нелегитимна, затоа што партнер на оваа влада станува партија кој насилно и манипулативно ја ограби политичката волја на Албанците. Прво, ДУИ измами, што денес го прекрши единственото предизборно ветување за албанскиот премиер и второ, го измами СДСМ, која пред изборите рече дека „во никој случај нема да се формира коалиција со ДУИ. Затоа, за нашата коалиција, оваа влада не заслужува никаков политички респект и, како таква, ќе се соочи со 12 пратеници и народ кој нема да дозволи измама и узурпација на политичката волја, соопштија од АА и Алтернатива.

Најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение истакна дека новата коалиција Заев – Ахмети е за продолжување на старите навики на криминал и корупција.

 

-Единствениот и најголем именител на коалицирањето се криминалот и лагата. Ќе потсетиме дека Заев за ДУИ пред изборите рече дека пет пари не вредат, а ДУИ за СДСМ рече дека се криминалци, порачаа од ВМРО-ДПМНЕ.

0 Коментари

Остави коментари