Последно збогум за Владо Јаневски

Македонија денеска се збогува со музичката легенда Владо Јаневски кој со своите песни остави белези во срцата на многу генерации. Последен поздрав од семејството, пријателите, колегите и фановите на човекот чија музика засекогаш ќе остане во македонската колективна меморија.

„Ако не те сакам“, „Евергрин“, „Дома си е дома“, „И тогаш некоја будала“, „Некогаш и негде“, „Црно тиквешко“, „Ова е наше Скопје“, „Не зори зоро“ и „Еден бакнеж“ се дел од хитовите кои со децении беа дел од животите на многу генерации. Ги следеа луѓето низ љубов и разделби, низ најсреќните моменти но и тивки животни битки. Токму затоа честопати се велеше дека Владо Јаневски преку своите стихови создава поезија во која речиси секој може да се препознае.

Фановите и колегите, оние кои го сакаа и го почитуваа неговото дело синоќа се собраа пред платото на арената „Борис Трајковски“ каде му оддадоа последна почит на Јаневски. Илјадници луѓе со солзи, свеќи и пеејќи ги најголемите хитови испратија порака дека Владо Јаневски никогаш нема да биде заборавен.

АНКЕТА фанови:

- Јас израснав со неговите песни и заедно со Тоше ми беа омилени додека растев. Тагата не можев да ја испроцесирам за Тоше кога почина бидејќи бев мала но еве сега се чувствувам како дел од детството да сум изгубила. Владо ќе живее во неговите песни и во спомените што сите ги имјаме. Владо е дел од секојдневието на сите во Македонија бидејќи со неговите песни се заљубуваме, раскинуваме. 

- Го слушав, го сакав, го почитував и во секоја негова песна наоѓав по некоја реченица од мојот живот. Не пропуштив концерт да го гледам и многу сум потресена.

Од Владо Јаневски преку социјалните мрежи се простија и неговите колеги и пријатели. Македонската пејачка Калиопи напиша: „Многу нешта споделивме во овој живот и во следниот повторно ќе се најдеме. Некогаш и негде.“ Каролина сподели: „Збогум со мојата најомилена песна од тебе и никогаш нема да заборавам.“ Пере од групата „Нокаут“ напиша: „Некои луѓе не мора да се наметнуваат за да остават трага. Владо тоа го знаеше.“ Со емотивна објава се огласи и скопската урбана легенда Зоран Блажевски – Зоки Малиот, кого Јаневски го овековечи во стиховите на „Евергрин“. „Јас сум Зоки Малиот од Џубокс кој те чека од некаде да се појавиш. Ќе напишеш ти уште многу евергрини таму горе, а јас кога ќе дојдам – ти спремам една.“

Во своето последно гостување во емисијата „Трилинг“ на Телевизија 24, Јаневски зборуваше за својата животна филозофија. Според него, токму живеењето „од денес за утре“ е најдобриот начин човек да ја изгради својата иднина.

Владо Јаневски, пејач: Живеење од денес за утре во секојдневните куларии и муабети има некоја лоша конотација чувствувам, како ах од денес за утре а што за иднината. Иднината е направена од ова денеска. Ако денешниот ден јас успеам да си ги подредам и мислите и кармата и својот внатрешен свет како што треба, тоа е најдобра гаранција дека утре ако дојде и ако се разбудам повторно утре и повторно утре дека тоа е некое идно време за кое ќе мечтаам дека ќе биде добро, најголема гаранција е дека денешниот ден ми е среден.    

Владо Јаневски почина на 65 годишна возраст по кратко боледување. Погребот се одржа денеска на гробиштата во Бутел каде последна почит му одадоа колегите, пријателите и фановите. Јаневски ќе остане запаметен и како првиот официјален претставник на Македонија на изборот за песна на Евровизија,  во 1998 година. Зад себе остави шест студиски албуми, со кои изгради препознатлив музички стил и стекна генерации обожаватели во Македонија и регионот.