Последно збогум за Вања: Солзи, цвеќе и неверување во скопско „Песталоци“
За разлика од тишината која преовладуваше пред домот на Вања, во дворот на училиштето „Јохан Хајнрих Песталоци“, каде што учеше убиената деветооделенката, беше преполн со граѓани кои чекаа да се потпишат во книгата на жалост.
Со цвеќиња, мечиња и чоколади, почит на Вања и даваа и тие кои ја знаеле, но и тие кои немале прилика да ја запознаат.
Училиштето каде што учеше Вања Ѓорчевска денеска одржуваше настава, а во придружба на наставниците имало и педагози и психолози. Соучениците на Вања одржале само класен час, по што биле ослободени од настава.
Од Вања Ѓорчевска се простија и нејзините наставници од ОУ „Јохан Хајнрих Песталоци“ на Фејсбук профилот на училиштето.
- Наставниците не умеат да ја решат оваа задача, Вања. Прости ни, не можеме, не знаеме како да се поздравиме. Нека ти биде светол патот кон вечноста! Твојата насмевка и искрена душа засекогаш ќе останат во нашите срца. Со неизмерна болка и љубов, твоите наставници и соученици, најмила Вања!
И градоначалникот на Општина Центар Герасимовски изрази сочувство и се потпиша во Книгата на жалост.
Чувствувам преголема болка. Еден родител не може да доживее ништо пострашно од ова што денеска се случи со Вања. Изразувам длабоко сочувство до семејството и барам максимална казна за сторителите. - напиша на Фејсбук тој синоќа.
Вања исчезна на 27ми ноември. Исчезнувањето го пријави нејзината мајка, по што целата јавност се крена на нозе. За нејзиното исчезнување беа алармирани и соседните земји, а Вања се бараше со меѓународна потерница. Смртта на младата Вања беше една од главните вести во регионалните медиуми. Тие известуваат за злосторот кој силно оддекна и надвор од границите, а многу организации и групи на социјалните мрежи активно беа вклучени во потрагата и седумдневната агонија.